Фото: Влада на РСМ

Автопатот Прилеп-Битола кој е дел од Коридорот 10д, треба да биде готов до 2027 година

Се интензивираат работите на автопатот Прилеп-Битола, кој е дел од Коридорот 10Д. Треба да биде готов за три години, до крајот на 2027 година и да обезбеди економски развој на општините од Југозападниот регион, констатираа при денешниот увид на работите владините претставници, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт и врски Александар Николовски, директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајаноски. На увид беа и претставници на „Бехтел и Енка“ кои ги изведуваат работите и амбасадорката на САД во нашава земја, Кристина Агелер.

Од околу 40 километри на автопатската делница, во моментот фронт на работа се 6 километри. Од 1300 парцели експроприрани се 850, а од 500 хектари, на 100-тина се отстранети експлозивни направи, со помош на Армијата. Од досега најдените околу 19 500 можни експлозивни материјали, се извадени 200.

Фото: Влада на РСМ

– Ние сега сме еден чекор пред „Бехтел и Енка“. Ако претходно чекаа зашто не беше извршена експропријацијата, ако чекаа бидејќи не беше решено деминирањето, сега тоа е решено и нема да плаќаме толку пенали, туку, напротив, „Бехтел и Енка“ треба да не следи нас, изјави Коце Трајановски, директор на ЈП за државни патишта.

Министерот за транспорт и врски Александар Николовски го нагласи значењето на автопатот за економскиот развој на општините од југозападниот регион.

Фото: Влада на РСМ

– Овој автопат води до два големи центри во Македонија, до Прилеп и до Битола, а тука води и до границата со Грција, до нашиот втор граничен премин со Грција, што значи целосно отворање и за туризмот и за економијата. Ова значи заживување на економијата за целиот Пелагониски регион, добрите економски перформанси во овој регион дополнително се надградуваат, да се отвораат нови добро платени работни места и луѓето да ја видат својата иднина тука, рече Николовски.

Премиерот Христијан Мицкоски е задоволен како се одвиваат работите на теренот.

Фото: Влада на РСМ

– Битно е дека ние сме практично пред динамиката која ја имаа градежната компанија за да не го кочиме процесот и од она што можев во неформален разговор од одговорните да го слушнеме е дека до приближно крајот на 2027 година, приближно 3 години ќе бидат потребни за ова овде да се заврши, изјави Мицкоски.

Автопатот Прилеп-Битола треба да биде готов до крајот на 2027 година. Заедно со експресниот пат Градско-Прилеп кој се гради во три етапи и треба да биде готов за една година, целосно ќе ја промени реалноста во регионот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот