Фото: СП - Колаж - Трамп против ЕУ, царини

Автомобилската индустрија – клучен чип во трговската партија меѓу ЕУ и САД

САД досега наплаќаа основна царина од 2,5% на европски автомобили, но дополнително воведоа тарифен данок од 25%, што ја зголеми вкупната стапка на 27,5%. Со новиот договор, таа дополнителна тарифа се намалува, па вкупната царина паѓа на 15%, што претставува големо олеснување за европската автомобилска индустрија.

Со најновиот договор помеѓу Европската Унија и САД, драстично се менува рамнотежата во трансатлантската трговија со автомобили. Царините за европските возила што се извезуваат во Америка паѓаат од 27,5 на 15 проценти, а истовремено ЕУ најави дека ќе ги намали царините за американски возила од десет на 2,5 проценти. Cамо неколку години порано, пред администрацијата на Доналд Трамп, состојбата беше обратна, САД наплаќаа симболични 2,5 проценти царина на европски автомобили, додека ЕУ применуваше стапка од десет проценти.

Но, политиката на Трамп донесе дополнителен протекционистички слој од 25 проценти што ги погоди европските производители. Според новиот договор што го објавија Трамп и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, се враќа дел од рамнотежата, но со ново темпо и нови ризици. Економистот Габриел Фелбермајер оценува дека договорот е добар за акционерите на автомобилските компании, но предупредува дека тоа не мора да значи и добивка за европската индустриска вредност. Тој вели дека протекционизмот не е надминат, туку само преместен.

Сепак, во контекст на можни нови конфликти и нестабилности, автомобилската индустрија сега барем има нова доза на предвидливост, што е од клучно значење за големите производители и нивните синџири на набавка. Исто така, не треба да се заборави дека автомобилите се чувствителна тема во европската трговска политика. Често претставуваат црвена линија во преговорите, бидејќи индустријата е клучен дел од економската структура на Германија, Франција и Италија. Договорот со САД се смета за изнуден компромис, бидејќи сојузниците од Брисел сакаа да избегнат нова рунда одмазднички мерки и трговска ескалација. САД се најважен пазар за европските возила надвор од ЕУ, а минатата година европските производители извезоа автомобили во вредност од речиси 39 милијарди евра во Америка.

Дилема околу правилата на СТО

Иако првичните реакции од индустријата се претежно позитивни, „Фолксваген“ веднаш го поздрави договорот, истакнувајќи дека добива потребна сигурност, a експертите веќе укажуваат на нови правни и трговски ризици. „Фолксваген“, на пример, во вториот квартал од 2025 година пријави пад на добивката за една третина, а според самата компанија, 1,2 милијарди долари од тој загубен износ се директен резултат на американските царини.

И покрај тоа, извештај на Deloitte од март предупреди дека дури и со 15 проценти царина, пазарниот удел на германските производители во САД би можел да се намали за 29 проценти, што би значело загуби од над осум милијарди евра. Во таков контекст, индустријата не гледа на новиот договор како на конечно решение, туку како на основа за понатамошни билатерални договори. „Фолксваген“, на пример, објави дека сака дополнителен договор со американската влада и планира нови инвестиции во САД за да добие поповолни услови.

Но зад овој прагматичен пристап се крие и проблем што може да ја наруши трговската репутација на ЕУ. Според правилата на Светската трговска организација (СТО), царинските повластици што се одобруваат на една земја, мора да бидат достапни и за другите членки, освен ако не постои посебен договор. Тоа значи дека доколку ЕУ ја намали царината за американски автомобили на 2,5 проценти, тогаш истото би морало да важи и за возила од Јапонија, Јужна Кореја или други држави со кои ЕУ нема склучено слободен трговски договор. Ако не го стори тоа, Унијата ризикува да биде обвинета за дискриминација и за прекршување на основните правила на СТО.

Иронично, токму ЕУ досега упорно го обвинуваше Вашингтон за непочитување на тие правила, а сега се наоѓа во позиција каде што самата мора да објасни зошто применува селективен пристап. И додека политичарите ќе се обидуваат да ги оправдаат ваквите договори како реалполитички неопходности, производителите во Европа ќе мора да балансираат меѓу новите услови, конкуренцијата од Азија и нестабилниот курс на трговската политика на САД. Засега, најмалку што добиваат е малку повеќе предвидливост во еден сè понепредвидлив глобален пазар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот