
Австрискиот амбасадор Георг Вуцас без дипломатски ракавици и без почит кон конвенциите?
Додека претседателот Пендаровски тврди дека австрискиот амбасадор Вуцас не се мешал во внатрешните работи, македонски долгогодишни кариерни дипломати сметаат дека неговото барање за смена на судии и обвинители излегува од Виенската конвенција за дипломатски односи.
Ги надмина ли австрискиот амбасадор Георг Вуцас дипломатските овластувања со барањето да се сменат судии, обвинители и да одговараат нотари и извршители во Северна Македонија, бидејќи го одолжувале процесот на наплата на долг што македонска фирма го има кон австриска фирма, инвеститор во земјава?
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Претседателот Стево Пендаровски ги оправда изјавите на Вуцас со образложение дека секој амбасадор има легитимна обврска да ги штити интересите и на приватните бизниси на граѓаните од својата држава, а не само на државните институции.
Наспроти него, пак, македонски долгогодишни кариерни дипломати сметаат дека австрискиот амбасадор згрешил и дека неговата изјава, односно барање излегува од Виенската конвенција за дипломатски односи.
Членот 41 од конвенцијата е јасен: „Не навлегувајќи во нивните привилегии и имунитети, сите лица што уживаат привилегии и имунитети, сите лица што уживаат привилегии и имунитети должни се да ги почитуваат законите и прописите на државата кај која се акредитирани. Тие, исто така, должни се да не се мешаат во внатрешните работи на таа држава“.
Австрискиот амбасадор Вуцас, преку допис до медиумите, упати жестоки критики до македонското правосудство, барајќи да се разрешат сите судии и јавни обвинители, но и да им се укинат лиценците на извршителите и на нотарите што постапувале во спор што се води помеѓу австриската компанија „АММА ДОО Хоенемс“ и валандовската фирма „ДЕНА трејд“ за производство на корнишони, поврзана со семејството на поранешниот премиер Зоран Заев.
Ако се суди според изјавата на Пендаровски, австрискиот амбасадор не направил никаква грешка.
– Го следам случајот, прочитав коментари дека можеби е мешање во внатрешните работи. Не станува збор за мешање во внатрешни работи, се работи за легитимна обврска на секој амбасадор. И нашите амбасадори кога се надвор, имаат обврска да ги штитат интересите и на приватните бизниси на граѓаните, не само на државните институции – изјави Пендаровски.
Поранешниот амбасадор Љупчо Арсовски, кариерен дипломат кој четири децении поминал во Министерството за надворешни работи, вели дека е изненаден од изјавата на австрискиот амбасадор, амбасадор на пријателска земја, дадена на ваков начин.
– Ова е чудна изјава бидејќи сепак излегува од Виенската конвенција за дипломатски односи, која патем е потпишана токму во Виена, во неговата земја. Споменување личности, граѓани на Македонија што се или не се инволвирани во предмет што го има некоја австриска фирма, не е во ред – вели Арсовски за „Слободен печат“.
Според него, вакви изјави не придонесуваат ниту за решавање на самиот предмет, а уште помалку за пријателските односи кои навистина постојат меѓу двете земји.
За поранешниот амбасадор Мухамед Халили главната грешка на Вуцас е што ѝ се обратил на јавноста (соопштение до медиумите), иако не комуницирал прво со министер во Владата или со премиерот, пред да упати ваков јавен укор на институциите и барање за смени на судии и обвинители.
– Како човек е одличен, перфектен, ама овде малку згреши. Не верувам дека имал лоша намера, ама сигурно имал притисок од фирмата. Ова излегува од дипломатските протоколи затоа што тој не треба да општи со јавноста, туку со Владата и ако имал забелешки што морало да ги каже, требало таму да ги каже. Ваков начин на комуникација не е својствен за амбасадор, без оглед колку голема сума вложила неговата земја. Вложувањето не гарантира и јавен укор во јавноста. Може и укор, но во комуникација со власта на земјата домаќин – објаснува Халили.
Според долгогодишниот амбасадор, станува збор за светски правила.
– Австрискиот амбасадор има право да се сомнева. Но, малку избрза и мислам дека тоа е негова грешка. Едноставно, тоа не е правилно. Ако има толку многу тешки сомневања, можел да упати нота, ама пред тоа требало да бара прием прво кај министерот за надворешни работи, а ако тој не е тука, тогаш кај премиерот и да ги изнесе тие сомневања. Едноставно кажано, амбасадорот премногу избрза со една нервозна изјава – вели Халили.
Иако не знае што се крие точно зад изјавата, Халили претпоставува дека амбасадорот Вуцас веројатно им верувал на засегнатите бизнисмени, а тие се борат за својот интерес. Сепак, како што додава, ова не е работа за комуникација со јавноста.
Инаку, ова не е прва ваква изјава на австрискиот амбасадор, без оглед дали ќе се толкува како мешање во внатрешните работи на земјава или не. Пред неколку месеци Вуцас ги повика пратениците од собраниската Комисија за европски прашања да не го разгледуваат, поради ненадлежност, и да не дадат поддршка за новиот Закон за игри на среќа поради негова неуставност и реагираше дека Владата го злоупотребува и европското знаменце за да избегне јавна дебата за контроверзниот закон. Тогаш Вуцас во писмо до Владата и до пратениците напиша: „Актуелните одредби ги нарушуваат темелните вредности на уставниот поредок во член 8 од Уставот на Република Северна Македонија, т.е. владеење на правото, слобода на пазарот и претприемништво, почитување на општоприфатените норми на меѓународното право“ и наведе дека измените на регулацијата се спротивни и со членот 52 од Уставот во кој е регулирано дека законот не може да има ретроактивно дејство, а се косат и со членот 59 што гласи: „На странските вложувачи им се гарантира правото на слободно изнесување на вложениот капитал и добивка. Правата стекнати врз основа на вложениот капитал, не можат да се намалуваат со закон или со друг пропис“.
Во сегашниов случај, австриската компанија, според него, не може да си наплати долг од 4,5 милиони евра во меѓународна арбитража. И покрај тоа што арбитражата е признаена во Македонија, на македонските судови им беа потребни неколку месеци за да ја потврдат, а тој период „ДЕНА“ го искористила да префрли голем дел од својот имот на друга компанија, „Глобал трејд ДММ ДООЕЛ“. Во дописот, австрискиот амбасадор наведува дека „Глобал трејд“ е фирма во сопственост на Емилија Заева Костова. Таа е сопруга на сопственикот на „ДЕНА продукт“, но и братучетка на поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев, наведува амбасадорот.
Заев реагираше со објава дека целосно се оградува од каква било вклученост во споменатиот деловен спор што се води во судовите и соопшти дека ако амбасадорот и амбасадата го споменат уште еднаш неговото име во таква негативна конотација, ќе нема друг избор освен да ги тужи за нанесена штета врз честа и угледот.