
„Народниците“ и „слободарците“ во Австрија се во постојана борба за иста група гласачи
ОВП и ФПО се идеолошки блиски, но меѓу нив постојат длабоки политички разлики и конфликти. Народната партија внимателно го балансира односот со лидерот на ФПО Херберт Кикл, од една страна критикувајќи го, а од друга избегнувајќи да му даде премногу јавна видливост. Во меѓувреме, ФПО возвраќа со напади врз ОВП и канцеларот, додека шпекулациите околу можен премин на Кикл во Корушка се користат како политички маневар од двете страни.
Иако на прв поглед изгледа дека Австриската народна партија (ОВП ) и Слободарската партија (ФПО) имаат слични ставови и можен заеднички политички интерес, реалноста покажува длабоки разлики и нетрпеливост. Последните месеци лидерот на „слободарците“ Херберт Кикл е во фокусот на јавноста, но и на пропагандните напади од страна на владејачката Народна партија. Долгото лето беше исполнето со постојани критики во насока дека Кикл и неговите сопартијци се неактивни и без чувство за одговорност. Но по неговото гостување во летното интервју на јавниот сервис ОРФ, реакцијата од централата на владејачката партија изостана. Наместо жестоки изјави следеше молк, стратегија со која конзервативците сакаат да му ја одземат сцената на својот најсилен ривал.
Препорачано
Овој пристап не е случаен. Во централата на Народната партија постои обид за внимателно балансирање меѓу постојаната критика и минимизирањето на јавната видливост на „слободарците“. Се работи за двоен пристап со кој се сака да се прикаже дека Кикл ја пропуштил шансата да стане канцелар и дека сега нема вистинска тежина во австриската политика. Во исто време ФПО возвраќа со секојдневни напади врз канцеларот Кристијан Штокер и неговата влада, која ја нарекуваат коалиција на губитници. Тензијата е очигледна иако партиите делат слична изборна база и имаат преклопување во дел од програмата.
Корушка како можност за Кикл
Една од најголемите политички теми во последните недели е шпекулацијата дека Херберт Кикл би можел да се повлече од федералната сцена и да се кандидира за функција во неговата матична покраина Корушка. Оваа опција ја отворија изјавите од врвот на Народната партија, кои сакаа да го прикажат како лидер без јасна стратегија. Штокер директно сугерираше дека Кикл размислува за премин на покраинско ниво, со што ќе ја избегне одговорноста на национално поле.
Самиот Кикл реагираше остро и ги негираше ваквите најави, нагласувајќи дека неговата цел е премиерската функција. Сепак во политичките кругови останува отворено прашањето дали можеби ова сценарио не е целосно исклучено. Аргументите за ваков потег се очигледни. Сегашниот лидер на „слободарците“ во Корушка Ервин Ангерер нема силна поддршка, додека Кикл би можел да обезбеди сериозен резултат и да ја загрози доминацијата на социјалдемократите. Парадоксално, можно е токму тие да му обезбедат поддршка во иднина, бидејќи новото раководство на покраинската партија веќе испрати сигнали за потенцијална соработка.
Иако ваквата идеја изгледа атрактивна, таа носи сериозни ризици за ФПО. Повлекувањето на Кикл на покраинско ниво би создал хаос и неизвесност во партиските редови на национално ниво. Внатрепартиските дебати секако ќе продолжат, а медиумските шпекулации ја одржуваат темата во живот. Народната партија го користи ова сценарио како средство за политичко слабеење на својот најопасен противник.
Судирот продолжува
Дури и ако се отфрли можноста за промена на политичката арена од страна на Кикл, останува фактот дека „народниците“ и „слободарците“ се во постојана борба за иста група гласачи. Двете партии се стремат да ја привлечат конзервативната база која одлучува за мнозинството во парламентот. Поради тоа нивната реторика е сe поостра, а маневарскиот простор сe помал.
Дополнително, новитe истраги околу случајот Пилначек, поранешен раководител на секторот за кривично право во Министерството за правда, кој беше пронајден мртов на 19 октомври 2023 година во близина на Крефелд што го иницираа „слободарците“ директно ја таргетира Народната партија. Тоа е јасна најава дека судирот ќе се засилува во наредните месеци. Додека јавноста шпекулира околу можните сценарија за иднината на Кикл, во позадина останува факт дека без взаемна соработка овие две партии тешко би стигнале до стабилна влада. Штокер избегнува јавно да го повтори категоричното одбивање на својот претходник Нехамер за коалиција со „слободарците“, но ниту една од страните не сака да покаже слабост.
На крајот, приказната за наводното повлекување на Кикл во Корушка можеби ќе остане само политички маневар и дел од пропагандната војна. Но таа јасно покажува колку длабоко е поделена австриската десница, иако идеолошки често делува како природен сојузник. Судирот меѓу двете партии нема да стивне, напротив, ќе стане уште посилен во периодот што следува.