Фото: Images Money / Flickr (CC BY 2.0)

Австрија: 14 милијарди евра донации за една година

Во 2024 година, вредноста на пријавените донации во Австрија достигна рекордни 14 милијарди евра, главно во готовина и удели во компании. Зголемувањето се должи на економски фактори, пренос на богатство од постарата генерација и страв од евентуално повторно воведување на данок на донации. Станува збор за тренд што може да продолжи, но и да се покаже како времен ефект поврзан со политичката неизвесност.

Во 2024 година Австрија забележа досега највисока вредност на пријавени донации , дури 14 милијарди евра. Само една година претходно, во 2023, овој износ изнесувал околу 10 милијарди евра, што значи дека за само 12 месеци вредноста на донациите пораснала за 40%. Според податоците добиени од Министерството за финансии, најголем дел од донациите се однесуваат на готовина и удели во компании. Поточно, во 2024 година биле донирани над 5 милијарди евра во готовина и повеќе од 7 милијарди евра во сопственички удели.

Оваа значајна бројка претставува само дел од вкупниот трансфер на богатство во земјата, бидејќи статистиката не ги вклучува сите форми на подароци. Сепак, овие податоци нудат вреден увид во структурата и динамиката на приватните донации и трансфери на имот во Австрија и укажуваат на важни економски, демографски и политички движења.

Што покажуваат бројките – и што недостасува?

Статистиката на Министерството за финансии ги опфаќа само донациите кои, според австрискиот закон, мора да бидат пријавени до даночните власти. Откако беше укинат данокот на наследство и донации, постои обврска за пријавување на одредени трансфери, како што се готовина, банкарски депозити, побарувања, сопственички удели, уметнички дела или луксузни добра (јахти). Важно е да се напомене дека донациите на недвижен имот, како што се куќи и земјиште не се дел од оваа статистика.

Сепак, не сите донации подлежат на пријавување. Законот прави разлика меѓу донации помеѓу блиски роднини и оние кои не се во роднинска врска. Во првиот случај, донации до 50.000 евра годишно не мора да се пријават, додека за другите лица границата е значително пониска, само 15.000 евра во период од пет години. Исто така, не се пријавуваат и повремени подароци со вредност под 1.000 евра. Оттаму, иако податоците не се целосни, тие даваат добра слика за главните трендови на трансфер на богатство во државата.

Што ги предизвикува ваквите флуктуации – и зошто расте трендот?

Годишните разлики во вкупната вредност на пријавените донации често се должат на поединечни големи трансфери, кои значително ја искривуваат статистиката. Но, генералниот тренд покажува стабилен пораст, што се должи на повеќе фактори.

На прво место тука се економските движења ,инфлацијата и растот на економијата логично го зголемуваат номиналниот износ на донациите. Со зголемување на вредноста на имотот, и самите трансфери стануваат поскапи. Но тоа не е сe. Последната деценија е обележана со акумулација на богатство кај постарите генерации, особено кај генерацијата родена во 1960-тите години, која сега влегува во фаза на живот кога природно се врши пренос на имот кон помладите ,најчесто кон деца или внуци.

Статистиката покажува дека најголем дел од донациите се остваруваат внатре во семејството. Во 2024 година, околу 27.000 лица кои примиле донација биле во роднинска врска со дарителот, додека само 4.000 не биле роднини.

Политички фактори и “ефект на предвремено пренесување”

Покрај економските и демографските причини, важна улога во овој скок може да има и политичката дебата околу потенцијалното враќање на данокот на наследство и донации. Во пресрет на изборната 2024 година, Социјалдемократската партија (СПO) отворено се залагаше за воведување на нови даноци на богатство, вклучувајќи и данок на наследство, донации и данок на имот.

Иако во текот на изборната кампања стана јасно дека оваа политика нема да добие поддршка во идните коалициски договори, самата дебата веројатно ги поттикна граѓаните да дејствуваат превентивно. Многу лица кои и онака планирале да го пренесат имотот на своите наследници, можеби решиле да го сторат тоа порано – додека сe уште нема дополнителен даночен товар.

Експертите укажуваат на тоа дека станува збор за таканаречен „предвремен ефект на трансфер“, каде што поединци ги забрзуваат одлуките за донации поради страв од евентуални законски измени. Дали ова ќе се покаже како изолиран феномен или дел од подолгорочен тренд, ќе може појасно да се утврди дури откако ќе бидат објавени податоците за 2025 година.

Силниот раст на пријавените донации во Австрија во 2024 година е резултат на комбинација од економски, демографски и политички фактори. Зголемената вредност на богатството, стареењето на населението, но и неизвесноста во однос на идната даночна политика, создадоа услови за масовен трансфер на имот, пред сe во форма на готовина и удели во компании. Иако бројките не ја опфаќаат целата слика, тие даваат значаен показател за тоа како се движи приватното богатство низ генерации во Австрија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот