
Атанасов задоволен од сработеното: АХВ и покрај пандемијата успешно ги реализираше сите програми
Агенцијата за храна и ветеринарство годинава и покрај пандемијата успешно ги реализирала сите програми клучни за безбедноста на храната и здравствената заштита на животните.
Препорачано
Директорот на АХВ, Зоран Атанасов е задоволен од сработеното, а во следниот период планирани се нови програми за сузбивање и искоренување на болестите кај животните и дизајнирање на новата програма за мониторирање на безбедноста на храната во која се предвидени нови категории на храна за испитување. Изработена е Нацрт-верзијата на новиот Закон за здравствена заштита на животните кој треба да се донесе до крајот на 2021 година и кој треба да биде усогласен со европските регулативи и светски практики.
– Со програмите што досега ги спроведувавме, успехот е релевантен за што говорат бројките. Кај бруцелозата кај козите и овците, во 2019 година бројот на одгледувалишта каде беше дијагностицирана болеста беше 198, а во 2020 година бројот на таквите одгледувалишта е 58. Ако се земат предвид светските стандарди за добивање статус „слободни” од оваа болест, тогаш практично сме пред вратата на стекнување на ваков статус и прогласување дека во земјата понатаму ќе немаме бруцелоза, истакна Атанасов на денешната прес-конференција на која даде осврт на сработеното.
Подобрување, како што посочи Атанасов, има и кај бруцелозата кај говедата, односно во 2017 биле позитивни 78 одгледувалишта, а годинава само 21 одгледувалиште. Во намалени рамки е и болеста туберколоза.
Тренд на опаѓање има и кај лицата заболени од бруцелоза. Според податоците од Институтот за јавно здравје, во 2017 година имало 21 лице заболено од бруцелоза, а годинава има само три лица.
Во однос на безбедноста на храната земени се 1034 мостри од планираните 1.177.
– Потврда на функционалноста на интегрираниот систем за контрола на безбедноста на храната на АХВ е фактот дека веќе 26 месеци не се евидентирани случаи на труења со храна кои завршиле на болничко лекување, со исклучок на јулскиот инцидент во сендвичарница во Скопје во кој затруени со храна беа десеттина лица, но, тие не завршија на болничко лекување, туку беа амбулантски третирани во здравствените установи, нагласи Атанасов.
Додаде дека АХВ утврдила прекумерна употреба на конзерванси или употреба на конзерванси кои не се дозволени или декларирани во самиот производ. Токму затоа се најавуваат засилени активности со цел да се обезбеди висок степен на безбедност на конзументите.
АХВ ги финишира и активностите за изградба на кафилерија во која ќе се преработуваат нус-производите од животинско потекло. Објектот ќе се гради во општина Лозово, за што се планирани околу 9,5 милиони евра.
Десетгодишниот јубилеј, АХВ ќе го одбележи и со почеток на изградба на новата административна зграда планиран за следната година.