Ал Халифа, Нетанјаху, Трамп и Ал Нахјан на церемонијата во Белата куќа EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Aрапскиот свет против новата верзија на планот на Трамп за Газа

Мировниот план за Газа, кој го откри американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот, содржеше значајни промени што ги побара израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, што ги налути арапските претставници вклучени во преговорите, изјавија за Axios извори запознаени со процесот.

Трамп ја прикажа ситуацијата едноставно: Израел, САД и нивните арапски партнери беа усогласени околу конечниот план, а Хамас мора да се согласи или да се соочи со уништување. Но, како што пишува Axios, реалноста зад сцената беше посложена и преговорите можеби штотуку започнуваат.

Додека Трамп и Нетанјаху разговараа за планот пред камерите во Белата куќа, катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани им го презентираше истиот предлог на лидерите на Хамас во Доха, изјави извор запознаен со ситуацијата.

Часови претходно, Нетанјаху му се јави на Ал Тани од Белата куќа за да се извини за неодамнешниот израелски воздушен напад во Доха, што беше услов Катар да продолжи со својата посредничка улога со Хамас.

Изворот рече дека лидерите на Хамас му рекле на Ал Тани дека ќе го проучат предлогот со добра намера. Американските претставници велат дека се надеваат дека ќе добијат одговор од Хамас пред крајот на неделата.

Интервенција на Нетанјаху

Догoворот што сега е пред Хамас е значително различен од оној што претходно го постигнаа САД и група арапски и муслимански земји, поради интервенцијата на Нетанјаху.

Во неделата, претставникот на Белата куќа, Стив Виткоф, и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, поминаа шест часа во разговори со Нетанјаху и неговиот доверлив помошник Рон Дермер.

Нетанјаху успеа да протурка неколку измени во текстот, особено околу условите и временската рамка за повлекување на Израел од Газа.

Новиот предлог го поврзува повлекувањето на Израел со напредокот во разоружувањето на Хамас и му дава на Израел право на вето врз тој процес.

Дури и ако се исполнат сите услови и се спроведат трите фази на повлекување, израелските сили ќе останат во рамките на безбедносниот периметар во Газа „сè додека Газа не биде правилно обезбедена од обновени терористички закани“.

Тоа би можело да значи – на недодредено време.

Арапските земји се бесни

Според изворите, претставници од Саудиска Арабија, Египет, Јордан и Турција се бесни поради промените.

Катарските претставници дури се обидоа да ја убедат администрацијата на Трамп да не го објави планот во понеделник поради тие приговори. Белата куќа сепак го објави и ги повика арапските и муслиманските земји да го поддржат.

Осумте земји издадоа заедничка изјава во која го поздравуваат соопштението на Трамп, но без да изразат целосна поддршка. Катарските претставници подоцна им кажаа на другите земји дека ќе продолжат со разговорите со САД за деталите, рече еден извор.

Виткоф изјави за Fox News дека планот на Трамп ужива широка поддршка на Блискиот Исток и во Европа: „Имаме голема поддршка. Дали имаме детали што треба да се разработат? Да. Но, знаете, претседателот Трамп… тој ќе продолжи сè напред.“

Висок арапски функционер вклучен во преговорите рече дека иако Нетанјаху успеал да го промени текстот, сепак има многу позитивни елементи во него за Палестинците, вклучително и конечно запирање на убивањето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот