Лекови апчиња во аптека / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Аптеките тешко се справуваат со јавните објави на ценовниците- ќе бидат ли изземени од обврската?

Што се однесува до лековите, ќе видиме дали ќе може да ги одвоиме, оти тие не се обврзани да ги ставаат на нивните веб-страници, поради регулираната цена, но другите производи нормално е дека мора да ги објават, велат од Министерството за економија

Аптеките засега ќе мора да ја почитуваат законската обврска за јавна објава на цените, бидејќи не продаваат само лекови што имаат регулирана цена. Но, ако биле опоменати, во рок од 30 дена ќе мора онлајн да ги објават ценовниците, порача министерот за економија и труд Бесар Дурмиши. Тој сепак остави можност од обврската да бидат изоставени лековите, поради нивната регулираност. Но сета друга козметика, суплементите, детската храна и другите производи, ќе мора да бидат со јавно прикажани цени. Од МЕТ велат дека ќе бидат разгледани нивните барања.

– Што се однесува до лековите, ќе видиме дали ќе може да ги одвоиме, оти тие не се обврзани да ги ставаат на нивните веб-страници, поради регулираната цена, но другите производи нормално е дека мора да ги објават – објасни Дурмиши.

Аптеките први побараа да бидат целосно изземени од обврската да ги објавуваат цените на веб-страниците. По стапувањето на законската обврска, од Здружението на приватни аптеки рекоа дека тие се здравствени установи во кои работат лиценцирани здравствени работници, а измените на Законот за заштита на потрошувачите ќе им влијаат врз квалитетот на услуга кон пациентите, бидејќи се соочуваат со недоволен број фармацевти.

– Проблемот конкретно е не само во однос на трошоците, колку што е немањето кадар за давање на здравствените услуги. Сите ние се соочуваме со намален број фармацевти и на некој начин квалитетот на услуга ќе се намали токму поради тоа што ќе немаме доволно време фармацевтите да одвојат за фармацевтската грижа и издавањето лекови. Нам дефинитивно основната улога не ни е само фондовското издавање, точно дека имаме и додатоци во исхраната што се дел од терапијата кај пациентите, меѓутоа времето што треба да го одвоиме, а немањето кадар, е еден основен проблем што ќе се јави во аптеките – рече Билјана Божиновска од Здружението на приватни аптеки.

Извештајот за работата на Фондот за здравствено осигурување за 2024 година покажа дека вкупно 26.150.147 рецепти во износ од 53,1 милиони евра, биле реализирани лани во Македонија на товар на Фондот. Извештајот констатира и дека потрошувачката на лекови на рецепт на товар на ФЗО преку аптеките бележи континуиран раст во изминатите години. Просечната потрошувачка на лекови според бројот на реализирани рецепти по осигуреник 2024 година е 14,2 рецепти, што претставува зголемување од околу 4 проценти во однос на 2023 година. Во 2024 година, во сите региони на државава се забележува зголемување на просечниот број реализирани рецепти по осигуреник во однос на 2023 година, освен во Скопскиот регион каде што се бележи намалување за 2 процента.

Најголема потрошувачка на лекови според бројот на реализирани рецепти по осигуреник, а соодветно на тоа и според просечниот износ по осигуреник, е забележана во Источниот регион со 17,3 рецепти по осигуреник, со просечен износ од 2.072 денари. Најмала потрошувачка на лекови според бројот на реализирани рецепти по осигуреник е забележана во Полошкиот регион со 11,5 рецепти по осигуреник. Инаку, на домашниот пазар фигурираат три синџири аптеки што се убедливо со највисоки приходи. Тоа се „Зегин фарм“, „Еурофарм“ од Битола и „Моја аптека“ од Скопје, објави лани Фактор.мк. Според синдикалната кошничка, во април граѓаните за своето здравје потрошиле 1.136 денари, што е 1,8 отсто од вкупните трошоци на едно четиричлено семејство.

Пензионерите бараат подвижни аптеки

Со оглед на фактот дека пензионерите се најчести „гости на аптеките“ и трошат повеќе од една третина од нивните примања за лекарства и за здравствена нега, од Сојузот на пензионерските здруженија бараат да се зголеми лимитот на пензијата од 18.000 денари на 25.000 денари, до кој износ пензионерите ќе бидат ослободени од болничка партиципација. Тие бараат и истовремено функционирање на теренски лекар и подвижна аптека, бидејќи старите лица од руралните средини не се во можност да патуваат во најблиските градови за да ги набавуваат лековите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот