
Античката пералница на Клинички повторно не работи – „Скопстер“ ќе ѝ ја врати на Владата и на Заеднички служби
Пералницата на Клинички центар „Мајка Тереза“ која е во катастрофална состојба, трет ден не работи зашто работниците повторно штрајкуваат, а и затоа што машините за перење и сушење се расипани, потврдија за „Слободен печат“ вработени. Така, веќе од петокот клиниките во „Мајка Тереза“ престанале во оваа пералница да носат чаршафи за перење и почнале да ги носат во приватни пералници на други локации. Фирмата „Скопстер“ којашто управува со пералницата почнала процедура да ѝ ја врати пералницата во владение на Владата и на Заеднички служби затоа што Владата уште го нема почнато јавно-приватното партнерство со „Скопстер“ за стерилизација на хируршки инструменти, што е основниот бизнис на „Скопстер“. Бидејќи основниот бизнис е во лимбо година и половина, „Скопстер“ не гледа причина зошто да ја управува пералницата. Решиле да им ја вратат на Заеднички служби.
Препорачано
Пациентите при операција или хоспитализација во моментов лежат на чаршафи кои се перат со снаоѓање – или во некоја машина за перење во склоп на самите клиники, бидејќи сопствена пералница има на Клиниката за онкологија и на Клиниката за инфективни болести, или на начин што чаршафите се носени во различни пералници кои се приватни и надвор од комплексот клиники.
Централната пералница претставува единствена од ваков вид на целиот комплекс клиники. Кога пред еден месец „Слободен печат“ ја посети оваа просторија, наидовме на услови како после Втората светска војна. Машините се стари и дотраени, протекува вода и влага, вработените се неосигурани и всушност работат непријавени.
Од фирмата „Скопстер“ која управува со пералницата, тогаш ни рекоа дека Заеднички служби им должат над 175 илјади евра па поради тоа доцнат платите, а Башким Бакиу директорот на Заеднички служби ни прати дел од договор што го има со „Скопстер“ во кој пишува дека во случај на штрајк фирмата што управува со пералницата е должна да овозможи беспрекорно и непречено функционирање.
Инаку, пералницата во „Мајка Тереза“ била посетена од Државниот здравствен и санитарен инспекторат и како што ни рекоа оттаму, констатирале дека не ги исполнува условите, ама бидејќи нема друга дозволиле да продолжи да работи. Вработените штрајкуваа и пред еден месец, ама министерот за здравство Азир Алиу ги повика во кабинетот и ги смируваше, дека наскоро ќе биде решено нивното егзистенцијално прашање. Оттогаш ништо не се промени.
Од „Скопстер“ за „Слободен печат“ изјавија дека имаат проект за целосно реновирање на објектот и осовременување на пералницата, ама не можат да го почнат зашто Владата уште го нема почнато јавно-приватното партнерство за стерилизација на хируршки инструменти со нив, нешто на кое чекаат година и половина. Бидејќи фирмата нема пари од ЈПП и поради тоа што Заеднички служби не им исплаќаат навремено – „Скопстер“ не можат да ја реновираат пералницата и да обезбедат плати за вработените навремено.
Дополнително, Владата на седница минатата недела требаше да одлучи кога ќе го почне ова јавно-приватно партнерство за кое може да се случи и арбитражен спор во Вашингтон.