Фото: НБРСМ

Ангеловска-Бежоска на Регионалниот состанок на гувернери на ЈИЕ

Преземените монетарни мерки, заедно со намалувањето на цените на храната и на енергентите на светските берзи, се факторите коишто влијаеа инфлацијата во нашата земја да се сведе на 3%, што е под просекот на земјите во Југоисточна Европа (ЈИЕ). Сепак, иако ценовните притисоци се намалуваат и инфлацијата е во постојан пад, имајќи предвид дека и натаму постои неизвесност, неоходна е претпазливост и внимателен пристап при водењето на макроекономските политики, посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, говорејќи на тркалезна маса во рамки на Регионалниот состанок на гувернери на централни банки, кој се одржа во Сплит, Хрватска, информираат од Народната банка.

Иако инфлаторниот шок е глобален феномен, кој ги погоди сите економии, сепак тој се манифестираше со различен интензитет во различни економии. И во самата ЕУ имаше голема разлика при што просечната инфлација во 2022 година се движеше од 5,9% во Франција, до 19,4% во Естонија. Кај нас просечната инфлација изнесуваше 14,2% и беше над просекот од земјите во ЈИE (11,7%). Притоа и инфлацискиот диференцијал во однос на ЕУ се зголеми како одраз на повеќе фактори, вклучително и повисокo учество на храната и енергијата во потрошувачката кошничка, големата увозна зависност и енергетската неефикасност (трошиме три пати повеќе енергија за производство на единица БДП), видот и интензитот на мерките, како и растот на профитабилноста на корпоративниот сектор на што упатува и анализата на Светска банка.

Сепак, од крајот на 2022 година, инфлацијата кај нас забавуваше со побрза динамика од ЕУ со што јазот помеѓу домашната инфлација и онаа во ЕУ речиси се исцрпи, а е пониска и од просекот во ЈИЕ. „Намалувањето на инфлацијата на 3% се должи на падот на цените на храната и на енергијата на меѓународните пазари, одредено намалување на енергетската увозна зависност со раст на домашното производство на енергија во 2023 година, како и монетарното затегнување“, посочи Ангеловска-Бежоска. Гувернерката истакна дека покрај неизвесноста поврзана со движењето на светските цени на примарните производи, регионот се соочува и со уште еден ризик, а тоа е растот на платите на кој што мора будно да се внимава.

На тркалезната маса на која говореше гувернерката Ангеловска-Бежоска, дискутираа и гувернерите на централните банки на Хрватска, Борис Вујчиќ, на Словенија, Боштјан Васле, на Црна Гора, Ирена Радовиќ, како и вицегувернерот на Босна и Херцеговина, Жељко Мариќ. На настанот свое излагање имаше и Алфред Камер, директор на Одделот за Европа при Меѓународниот монетарен фонд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот