
ВИДЕО: Американците го испратија најголемиот носач на авиони во Осло, Москва реагира
Најголемиот воен брод во светот, носачот на авиони „Џералд Р. Форд“, денеска вплови во пристаништето во норвешкиот главен град Осло, што соседна Русија го критикуваше како „нелогично и штетно“ демонстрирање на сила.
Препорачано
Бродот на нуклеарен погон долг 337 метри со носивост од повеќе од 100.000 тони вплови во фјордот Осло под придружба, каде што ќе остане неколку дена пред да се упати кон Арктикот, каде се одржуваат воени вежби, јавуваат норвешките медиуми.
– Посетата и присуството на носачот на авиони дава единствена можност да ја развиеме нашата блиска соработка со нашиот најважен сојузник Соединетите Американски Држави – се вели во соопштението на норвешката војска.
Руската амбасада остро ја критикуваше посетата со голем публицитет, која доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Западот и Русија поради војната во Украина.
– Нема прашања на северот кои бараат воено решение, ниту прашања за кои е потребна надворешна интервенција – изјави за „АФП“ преку мејл, портпаролот на руската амбасада Тимур Чеканов.
– Со оглед на тоа што Осло признава дека Русија не претставува директна воена закана за Норвешка, таквите демонстрации на сила изгледаат нелогични и штетни – додаде Чеканов.
Членката на НАТО, Норвешка, дели копнена граница со Русија на далечниот север, како и поморска граница во Баренцовото Море.
Воениот брод, „УСС Гералд Р. Форд“, кој може да носи до 90 авиони и хеликоптери, се очекува да остане закотвен во норвешката престолнина неколку дена.