Албин Курти
Албин Курти / Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Амбасадата на САД во Косово е разочарана од последните постапки и изјави на Курти

Вршителот на должноста амбасадор во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Косово, Ану Пратипати, изјави дека Вашингтон е разочаран од ставовите на вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, кои, според неа, ја зголемуваат „нестабилноста во Косово“.

„Разочарани сме од најновите постапки и изјави на вршителот на должноста премиер Курти, кои доведоа до зголемување на нестабилноста и несигурноста во Косово. Овие постапки го поткопуваат политичкиот процес, ги ослабуваат институциите на Косово и ги влошуваат меѓуетничките тензии“, рече американската дипломка во одговор на „Коха Диторе“.

Таа предупреди дека САД го разгледуваат својот одговор и додаде: „Да бидам јасна – секоја акција што ја загрозува политичката и економската стабилност е сериозен предизвик за нашето партнерство“.

Неодамна, Курти, кој е и лидер на движењето Самоопределување, го критикуваше Уставниот суд на Косово за доцнењето во донесувањето одлуки за време на неговиот мандат и ја обвини највисоката судска инстанца во земјата за пристрасност, наведувајќи дека е блиска до албанските партии кои претходно беа во опозиција.

Судот реагираше на изјавите на Курти и заменик-претседателот на Самоопределување, Гљаук Коњуфца , нагласувајќи дека неговата непристрасност е заштитена со Уставот и дека „ниту една институција, политичка партија или поединец не може да се меша во неговата работа“, пишуваРСЕ.

Уставниот суд моментално разгледува случај поднесен од Српска листа – главната српска партија во Косово, која има поддршка од Белград – кој се однесува на оспорување на поделбата на гласовите за избор на потпретседател на Собранието помеѓу заедниците кои не се мнозинство и српската заедница.

Судот воведе привремена мерка со која се спречува каква било акција во Собранието до 30 септември, како и каква било постапка за избор на нова влада.

Курти и неговата партија неодамна безуспешно се обидоа да ја забранат Српската листа да учествува на локалните избори закажани за 12 октомври.

Иако Централната изборна комисија гласаше за несертификација на оваа партија, повисоките инстанци – Изборната комисија за жалби и петиции, како и Врховниот суд – ја поништија таа одлука.

Непосредно пред гласањето во Изборната комисија, Пратипати изрази загриженост за секој обид за ограничување на учеството на српските партии на локалните избори. Таа го истакна ова по средбата со Курти на 21 август.

Самоопределување се обиде да го спречи учеството на Српската листа на парламентарните избори во февруари, но повисоките судски тела ја поништија одлуката за несертификација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот