Електорнска алка за глужд: Фото: Profimedia

Алките за притвореници не видоа бел ден, проектот од 1,8 милиони евра падна во вода

Целата опрема била набавена за да се олеснат затворските пренатрупани капацитети. Но, поради човечки и технички фактор, овој проект не профункционирал.

Четиристотини електронски алки познати во јавноста како наногици се купени уште во во 2012 година од страна на Управата за сакции на Република Македонија, но со години никој не ги користи. Овие алки за нога требало да бидат користени при отслужување на казна домашен притвор и било планирано тие да се употребуваат уште во ноември истата година. За следење на лицата кои ќе ги користеле алките биле набавени не само алки, туку и монитори, софтвер и била спроведена обука на работници кои би го следеле системот.

Алките кои ги поседува Управата за извршување санкции не се со ГПРС систем за следење на сигналот, туку се со СД каритчки со што движењето на осуденикот е ограничено во одреден параметарски круг. Системот бил оперативен откако е исталиран, но не бил применуван.

Во Кривичниот суд има и три канцеларии наменети за пробациската служба, а такви канцеларии предвидени се и во Битола, Прилеп, Гостивар, Охрид, Куманово, Велес, Тетово, Кочани, Струмица и Штип. Во нив треба да бидат вработени 90 службеници.

Поранешната директорка на Управата Лидија Гавриловска своревремено најави дека е направен и организациски систем и дека е планирано отворање на локални канцеларии за електронско следење.

Покрај отслужувањето казна домашен притвор со електронско следење биле планирана и условна казна со надзор, односно казна со извршување на општествено корисна работа.

Отслужувањето казна-затвор во домашни услови со електронско следење не била наменета за сите казни. Проектот за промена на законот и набавка на алките започнал во 2010 година и бил финансиран со пари од ИПА Фодовите на Европската Унија и чинел оклу 1,8 милиони евра.

Целата опрема била набавена за да се олеснат затворските пренатрупани капацитети. Но, поради човечки и технички фактор, овој проект не профункционирал.

Актуелниот министер за правда во Северна Македонија, Бојан Маричиќ при неговото гостување во „Утрински брифинг“ изјави дека пробациската служба имала проблем не само со човечки кадар, туку и со алките кои се веќе застарен модел.

– Алките не се ставени во употреба, а премногу е скапо да се одржуваат. Колку што знам овие алки се купени во 2012 година. Од наша страна се бара решение за овој проблем заедно со Управата за извршување на санкции за друга можност, да се изнајмат кога ќе бидат потребни. Кога ќе ни треба алка, ќе ангажираме фирма која што ќе ја набави таа алка и истата ќе биде користена колку што треба време. Државата за тоа ќе плаќа, а кога ќе заврши потребата фирмата, повторно ќе си ја земе алката – вели Маричиќ.

Во однос на веќе набавените алки тој истакна дека се бара начин како тие да се искористат поради неусогласеност, застарени софтвери и големата сума на пари кои би се одвојувале за да истите се одржуваат во функција.

– Поевтино е да ги одржуваме притворските единици, отколку алките – вели министерот за правда.

Законот за пробација е донесен во 2015 година, а стапи во сила на 1 ноември 2016 година, но не се применувал. Со овој закон се уредуваат пробациските работи и постапката за извршување на алтернативните мерки условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа и куќен затвор, обврски изречени во кривична постапка во согласност со закон, како и извршувањето на условниот отпуст изречен по одлука на суд, кои се извршуваат во заедницата, целта, положбата на лицата во постапката за извршување на алтернативни мерки и обврски и надзор над извршувањето.

Извршувањето на алтернативните мерки и обврски изречени во кривична постапка е со цел заштита на заедницата од криминал и ресоцијализација и реинтеграција на лицата спрема кои се извршуваат пробациските работи.

За извршување на пробациските работи, месно надлежна е канцеларијата на Управата според местото на живеалиште, односно престојувалиште на лицето спрема кое се извршуваат пробациски работи.Според Законот за пробација, пробациската служба требаше да почне да се применува од 1 ноември 2016 година.

Проектот за воведување на законот почна во 2010 година и се реализира со пари од ИПА-фондовите на Европската Унија, во износ од 1,8 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот