
Али Ахмети за „Слободен печат“: Ако излезам на улица, враќање нема
Претседателот на ДУИ открива дека премиерот Христијан Мицкоски прв излегол со понуда заедно со локалните да се одржат и предвремени парламентарни избори уште пред „100 дена Влада“, но на втората средба се премислил, бидејќи веројатно предлогот за предвремени парламентарни избори не му поминал добро во базата и кажал дека предлогот за двојни избори веќе не важи и дека ќе се одржат само редовните локални избори во октомври.
Ако ексминистерот за економија Крешник Бектеши биде обвинет за трагедијата во Кочани, Али Ахмети ќе излезе на улица и нема да се врати додека не испровоцира со локалните да се одржат и предвремени парламентарни избори, вели во разговор за „Слободен печат“ лидерот на ДУИ Али Ахмети. Тој најави масовни протести за неселективна правда, за поддршка на Бектеши, но и поддршка на протестите на „ангелите“ организирани од родителите и блиските на загинатите од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани каде што загинаа 62 млади и околу 200 лица беа повредени. Тој е дециден дека ако се чепне во албанскиот јазик ДУИ ќе повика на бојкот на локалните избори за да не се постигне цензус и гласањето да пропадне.
Препорачано
Ахмети е убеден дека на улица како од шега во секој момент ќе извади 10.000 интегративци и поддржувачи и дека ќе протестираат секоја недела.

– Ќе протестираме за Крешник. Ако Али Ахмети излезе на улица, враќање нема. Ќе ги поддржиме и барањата и протестите на семејствата на загинатите деца во Кочани, кои исто така бараат несeлективна прaвда. Тој процес може да заврши само со предвремени парламентарни избори. Во пакетот мора да има и ветинг на сите политички партии од 1991 година до сега. Ветинг на сите функционери за потеклото на нивниот имот од 1991 година до сега. Ветинг на процесот на приватизација на државниот имот по 1991 година. Ветинг под меѓународен надзор и на судии, јавни обвинители и на самата полиција, вклучувајќи ги и сите политичари – вели Ахмети за „Слободен печат“.
Лидерот на ДУИ открива дека премиерот Христијан Мицкоски прв излегол со понуда заедно со локалните да се одржат и предвремени парламентарни избори. Но, тој не прецизира дали понудата за предвремени парламентарни избори била дел од договорот Мицкоски-Ахмети, за ДУИ да ја гласа реорганизацијата на Владата. Тогаш во јавноста тврдеа дека ДУИ за возврат доби собраниска комисија за следење на имплементацијата на правичната застапеност во институциите.

– Првата средба на која Мицкоски излезе со понуда во октомври да има двојни избори беше пред „100 дена Влада“. Потоа на втората средба Мицкоски се премисли, веројатно предлогот за предвремени парламентарни избори не му поминал добро во базата и ми рече дека предлогот за двојни избори веќе не важи и дека ќе се одржат само редовните локални избори во октомври. Јас му одговорив дека тоа е неприфатливо и дека за мене тоа е договорена работа. Прашањето остана отворено – рече Ахмети.
Според него, главниот мотив на премиерот во октомври да има двојни избори бил да се заштедат пари и дека ако локалните и парламентарните сега бидат заедно, владата ќе има чист четиригодишен мандат затоа што во таков случај Македонија дури во 2029 година ќе гласа на три изборни циклуси, локални, парламентарни и претседателски.
„Слободен печат“ веќе објави дека Мицкоски калкулира со три опции – локални избори наесен, двојни избори во октомври и локални во октомври, а парламентарните во 2026 година.
Тој е дециден дека ако Уставниот суд чепне во Законот за јазиците, односно дека ако се чепне во албанскиот јазик државата ќе влезе во политичка криза.
– Владатa работи на влошување на меѓуетничките односи од првиот ден: го укина балансерот, има нерамноправна застапеност на Албанците во институциите, крати пари за Инспекторатот за албански јазик и најави укинување на Законот за албански јазик. Ако се чепне албанскиот јазик ДУИ ќе ги бојкотира локалните избори, кои без нас не може да успеат, после што државата ќе биде во политичка криза која ќе мора да заврши со избори – додава Ахмети за „Слободен печат“.
Тој потврди дека со лидерот на дел од Алијанса за Албанците и актуелен владин партнер Арбен Таравари имал три средби, информација што во јавноста ја сподели Зијадин Села, лидер на другото крило на Алијанса за Албанците. Ахмети не исклучува соработка со Таравари за локалните избори, но вели дека допрва ќе се прецизира дали таа ќе биде во првиот или во вториот изборен круг. Ахмети сѐ уште тактизира за евентуална соработка за некои општини со СДСМ на Венко Филипче, но и тоа дали ДУИ на изборите ќе оди сама или како Европски фронт ќе зависи дали ќе има двојни избори и што ќе се случува со Законот за јазиците, каде што во игра е и бојкот на локалните избори. Тој ја поздрави одлуката на Таравари да се одвои од Вреди бидејќи прв увидел дека албанскиот партнер во Владата не функционира единствено и дека не ги дава резултатите што ги најавиле.
– Алијанса за Албанците први го напуштија бродот што тоне – вели Ахмети.
Тој и денеска во изјава за медиуми повтори дека Европскиот фронт и ДУИ сè уште не донеле никакви одлуки во врска со тоа како ќе се натпреваруваат на локалните избори. Ахмети изјави дека сите партии ќе се состанат за да разговараат за тоа.

– Сè уште не е изградена никаква стратегија. Секако, го цениме смелиот чекор на Таравари, бидејќи тој многу порано сфати дека оваа влада не е ништо повеќе од антиалбанска влада. Господинот Таравари ми се чини дека рече, не сум роден во Владата, во моментот кога ќе стане неприфатлив, несоодветен, тој може да си замине, но ова се прашања за господинот Таравари, тоа не се прашања за ДУИ, ниту за Европскиот фронт, тоа се внатрешни прашања што господинот Таравари мора да ги реши. Гледам дека Вреди „не вреди“ – изјави Ахмети.
Прашан дали има некаков договор со Таравари за локалните избори, лидерот на ДУИ рече:
– Сè уште нема финални разговори, ДУИ сè уште не ги повикала органите на партијата. Мислам дека во рок од една недела ќе бидат повикани највисоките партиски тела, ќе се разгледаат сите ситуации – рече Ахмети.
Според ова, очекувањата се дека ќе следува бурен период на политичката сцена и средби на лидери и од власта и од опозицијата. Викендов веќе е можна средба меѓу Мицкоски и Таравари за тоа дали АА откако веќе не е дел од Вреди, нема да биде ни дел од Владата, опција на која инсистираат од Вреди бидејќи како што велат и со ДУИ и во Влада не оди. И помалиот владин партнер ЗНАМ веќе изјави дека за нив е неприфатливо Алијанса да остане во Владата ако за локалните избори соработува со нереформираната ДУИ. Од друга страна, според лидерот на ДУИ, ќе има средба и помеѓу него и Таравари, но и помеѓу Мицкоски и Ахмети. Истовремено се очекуваат и средби на лидерот на СДСМ Филипче со лидерите на партиите на Албанците за евентуална соработка за локалните избори. Како што објавивме, Филипче веќе се сретнал со ексминистерот Кренар Лога како увертира за средба меѓу него и Села. Средба се очекува и меѓу Филипче и Таравари.
Мицкоски: Средбата со Таравари ќе се случи

Премиерот Мицкоски не откри кога ќе биде средбата со Таравари само потврди дека средба ќе има. На новинарско прашање кога ќе биде средбата со Таравари, Мицкоски рече:
– Ќе се случи.
Тој оцени дека односите во Владата се одлични.