Крива Река / Фото: Википедија

Акција на „Еко свест“: Ќе се отстрани бариера од Крива Река за слободен тек на реката

Во организација на граѓанската организација „Еко-свест“ се врши првото отстранување на речна бариера во државата, а се реализира на Крива Река, во близина на Крива Паланка. Отстранувањето е дел од проектот „Повторно поврзување на реките во Македонија“ со примарна цел – идентификација и отстранување на застарените бариери во реките и зголемување на поврзаноста на речните екосистеми во земјата.

Старата препрека на Крива Река е бетонска бариера која веќе не ја врши својата првична намена, бидејќи е скршена. Бетонот сега го покрива речното корито и претставува бескорисна бариера во екосистемот, собирајќи седимент и ограничувајќи го движењето на рибите и другиот воден свет. Во соработка со Општина Крива Паланка и Државниот инспекторат за животна средина, оваа бариера ќе биде физички отстранета од страна на нашата организација, велат од „Еко-свест“, граѓанска организација посветена на обновување на речните екосистеми.

Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко свест“ рече дека ова ќе биде првата речна препрека што ќе се отстрани, а се надева дека набрзо ќе отстранат уште една непотребна бариера на реката Пчиња.

– Сакаме да покажеме дека отстранувањето на непотребните бариери во реките е неопходно и ќе даде долгорочна заштита на екосистемите. Дополнително, со оваа акција ја подигнуваме свеста дека непотребните бариери можат да претставуваат опасност по животот на локалните заедници и затоа треба да се отстранат – додаде Чоловиќ Лешоска.

Посочи дека нашата држава е позната по своите изобилни реки, но јавноста сè уште не е свесна колку овие реки се изменети и преградени со разни објекти и за различни цели.

– Во 2024 година, „Еко-свест“ идентификуваше повеќе од 45 бариери само во сливот на реката Пчиња. За жал, многу од бариерите се исто така нелегални или им недостасува соодветна документација, па дури и сопственост, што нивното отстранување го прави речиси невозможно.Сега, преку тековниот проект за отстранување бариери, имаме цел да го претставиме отстранувањето на браните како практична и неопходна мерка за обновување на реките. На европскиот континент, отстранувањето на бариери се практикува сè почесто, со 542 евидентирани отстранувања минатата година, според извештајот на Dam Removal Europe. Отстранувањето на бариерата на Крива Река и на реката Пчиња планирано за подоцна оваа година ќе воспостави слободен тек на делница од вкупно 72 километри – потенцира Чоловиќ Лешоска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот