
АХВ: Бараме измени и дополнување на законот за благосостојба на животните
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, на денешната панел-дискусија на тема „Ангажманот на локалната заедница во управување со популација на бездомни кучиња“, побара измени и дополнување на законот за благосостојба на животните и повика на поголема ажурност за одговорно сопствеништво.
Препорачано
Миланов тврди дека за нив како институција е несфатливо како овој закон бил повлечен од собраниска постапка и процедура:
– Со донесувањето на идниот закон којшто сакаме да го донесеме за измените и дополнувањата на законот за заштита и благосостојба на животните, фокус ќе биде даден на воспоставување, контрола и регистрација на размножувањето на кучињата-миленици којшто е еден од главните фактори за настанувањето на бездомни кучиња – рече директорот на АХВ.
Во неговата изјава тој наведе дека тие како институција имаат база на податоци и систем за идентификација преку кој се врши регистрација на сите миленици и домашни кучиња.
– Во моментов имаме регистрирано 139.463 кучиња или миленици, исто така согласно законските и позаконските акти, ние даваме одобрение за прифатилишта. Во моментот на целата територија на Македонија има 29 регистрирани и одобрени прифатилишта – додаде тој.
Претседателот на Ветеринарната комора на Македонија, Жарко Михајловски, во неговото обраќање спомена дека докторите по ветеринарна медицина, секојдневно се вклучени во справувањето со кучињата-скитници.
-Тие ги пренесуваат нивните искуства и мислења во Ветеринарната комора, во нивните одбори и ние согледувајќи ја ситуацијата со овој проблем и секојдневното справување со кучињата бездомници инициравме формирање на експертски тим од членови од ветеринарната комора кои имаат искуство во прифатилиштата и третманот на кучињата скитници, да подготвиме еден документ – стратегија за справување со кучињата скитници – изјави Михајловски.
Претседателот на Ветеринарната комора на Македонија, се заблагодари на Австриската амбасада за организирање на оваа панел-дискусија.