
Адвокатот на Спасевски: Политичка работа е обвинението дека Пендиков е нападнат од омраза
Адвокатот Димитрија Цобоски по првото рочиште на судењето на Илија Спасески изјави дека е „политичка работа“ тоа што неговиот клиент е обвинет дека го нападнал охриѓанецот Христијан Пендиков на 19 јануари во Охрид врз национална основа, затоа што тој се изјаснува како Бугарин. „Не е точно“, вели адвокатот.
Препорачано
– Како може да биде напад од омраза кога неговиот татко спасуваше бугарски државјани во големата бродска несреќа? Тој е воспитан во дух секого да сака и најмалку да мрази кого било. Сега размислете дали може да биде омраза или на ова се дава еден политички акцент, призвук, кој се исполитизира до страшни граници што е особено штетно за целата постапка. Ова е чисто политичка работа – кажа адвокатот Димитрија Цобоски.
Според него, за одбраната не е неопходно на судењето да присуствува самиот Пендиков, кој по нападот беше евакуиран од страна на официјална Софија.
– Неспорно е дека има повреда, но тој може да патува и да присусутвува на судењето – рече Цобоски.
Адвокатот го коментираше и гостувањето на Пендиков во БТВ:
– Неспорно е дека тој не знае кој го удрил од позади, тој не знае кој го шутирал, вели дека бил тепан 10 минути – изјави адвокатот.
Прашан за што била тепачката тој рече дека мотивите за кои се товари треба да ги докаже обвинителството, а тие не се согласуваат дека нападот бил од омраза.
– Ќе видиме, тоа треба да го докаже обвинителот. Ние имаме објаснување зошто била тепачката и во текот на постапката ќе го кажеме – рече адвокатот.
Рочиштето за претепувањето на Христијан Пендиков се одложи по 20 минути од почетокот, по барање на адвокатите на обвинетиот Илија Спасески. Тие пред судијата Бојан Мартиноски кажаа дека не им се доставени сите докази со кои Обвинителството ќе докажува вина судот. За нив е важно да ги имаат аудио и видеозаписите со кои располага обвинителот, по што обвинетиот Спасески ќе може да се произнесе за вина. Со ова се согласи и судијата Мартиноски.
Судењето ќе продолжи на 5 април.