Миле Јанакиески
Миле Јанакиески /Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Адвокатот на Миле Јанакиески бара одговорност за оние што ги носеле одлуките за притвор

Случајот со Миле Јанакиески е парадигма за тоа како се злоупотребува мерката притвор и наместо да служи како мерка за обезбедување на присуство на обвинетите се користи како казна или како инстант правда, што не е дозволено, исканаа вчера адвокатите на ексминистерот за транспорт и врски, Влатко Илиевски и Еленко Миланов, откако Судот за човекови права во Стразбур објави пресуда дека Јанакиески неправедно бил држен во притвор.

– Судот во Стразбур утврди повреда на правото на слобода загарантирана со член 5 став 3 и став 4 од Европската конвенција за човекови права, што се однесува на периодот од декември 2019 година до февруари 2021 година за предметите „27 април организатори“ и „Шпански скали“ кога на обинетиот Миле Јанакиески притворот му е продолжуван 15 пати. Со пресудата Судот утврди дека правото на слобода е повредено затоа што нема доволно образложени причини за лишувањето од слобода и затоа што неефикасно се разгледувани жалбите од Јанакиески во врска со притворите. Ова значи дека Јанакиески бил држен во притвор без доволно оправдани причини, а решенијата за притвор се носени по автоматизам, без да се утврди потребата од продолжување на мерката и без да се направи соодветна реевалуација на основите за притвор. Јанакиески не можел ефикасно да ги обжалува ваквите решенија оти Апелација по правило ги носела решенијата по жалбите практично неколку дена или на самиот ден од истекот на претходното решение, со што правото на жалба не му било остварено – рече адвокатот Илиевски.

Тој потенцира дека во јавноста имаше повици од носители на функции да се притвараат политичките притовници.

– Би сакал да истакнам еден таков повик од еден универзитетски професор кој пред пет-шест години практично ги повика властите да ги притворат политичкте противници, па тие нека му ја мислат, а Старзбур нека ги ослободува. Затоа сметам дека оваа одлука од Стразбур треба да биде поука. Очекуваме набрзо одлука и за притворите во „Титаник“. Сега легитимно се поставува прашањето за одговорност за сите учесници во носењето на овие одлуки за притвор, не само со цел соодветно да се санкционираат, туку и да се превенираат вакви одбнесувања во иднина – рече Илиевски.

Основниот кривичен суд вчера соопштија дека Стразбур никаде не рекол дека притворите се неосновани, туку Судот реагирал за траењето на одлуките по жалбата на Јанакиески за притворите.

– Аплираме до медиумите, но и правните критичари дека е потребно прецизно известување за вакви сензитивни теми. Според пресудата, притворот за Миле Јанакиевски е оправдан, а критикувана е должината на жалбената постапка – соопшти Кривичен.

Адвокатот Илиевски вели дека Кривичен извадил мал дел од пресудата што е во нивна корист дека не е утврдена повреда на законитоста на притворот.

– Сакам да истакнам дека апликацијата имаше наводи и за тој основ, за арбитрарноста на постапувањето на судот во однос на изрекувањето на двојни притвори, која за Јанакиески во ист ден од ист суд се носеа две различни решенија за притвор, а имавме и пример кога судот арбитрерно на две недели пред истекот на притворот донесе ново решение за притовр. Судот во Стразбур реши да не одлучува не заради тоа што нашите аргументи се неосновани, туку затоа што не се искористени сите правни лекови во националните судови – рече Илиевски.

Адвокатот Миланов рече дека пресудата од Стразбур го потврдува барањето на Јанакиески дека треба да се засметаат сите правосилни судски одлуки за притвор во повеќе предмети во казната затвор што треба да ја издржи за предметот „Титаник“.

– Ако во овој момент го имаме неспорниот факт дека Вишото јавно обвинителство предложи застареност за предметот „ТНТ“, во кој постои деветмесечен притвор за Јанакиески, кој пак, беше опредлен два дена пред истекот на законскиот максимум од еден друг куќен притвор. За да не се дојде до ситуација за отштетни побарувања од Јанакиески, а има казна за „Титаник“, која во овој момент е правосилна, сметам дека предлогот за засметување на овие притвори од правосилни судски одлуки треба да се засметаат во затворската казна. Во законот никаде нема прецизна одредба дека притворот може да се засметува во затворот само за истиот предмет – рече Миланов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот