
ДЗС открила нерегуларности во финансиите на Општина Центар
Државниот завод за ревизија во најновиот извештај покажува одредени нерегуларност во работењето на Oпштина Центар при издавањето и исплатата на јавни набавки за повеќе услуги и прераспределбата на средства од општинскиот буџет за 2023 година, меѓу кои заводот ја разгледува и паушалната наплата на адвокатите која изнесува околу 16 илјади евра.
Препорачано
-ДЗР изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Центар за 2023 година, при што констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на општината и поради нивното значење изразивме мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива- се вели во извештајот.
Општината заклучно со 31 декември 2023 година има ненаплатени побарувања во износ од 4.482.480 евра, за кои нема утврдено старосна структура и дали постои законска можност за нивна наплата. Побарувањата по основ на надоместок за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти се евидентирани на денот кога истите се наплатени и не се склучени договори за одложено плаќање доколку надоместокот не е платен еднократно.
По основ на комунална такса за користење на просторот за паркирање на моторни возила, Општина Центар побарува од ЈП “Паркинзи на Општина Центар” – Скопје 275.000 евра кои се однесуваат на побарувања од минати години, а за 2022 и 2023 година воопшто не искажува побарувања по овој основ.
Во услови на непостоење на прецизни и јасни критериуми, во 2023 година доделени се финансиски средства на спортски здруженија, спортисти-поединци и стипендии за млади таленти во вкупен износ од околу 37.000 евра, што претставува само 13 отсто од вкупните средства на Програмата за спорт и рекреација, а останатите 15 милиони денари, или околу 243.000 евра, Општина Центар ги доделила на КК „Работнички“ АД Скопје, при што во изминатите 9 години нема извршено контрола на наменското и законското користење на доделените средства.
Општина Центар исплатила 984 илјади денари (16 илјади евра) за адвокатски услуги по принцип на месечни паушали, а не врз основа на извештај за преземени активности според Тарифата за наградата и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.
За зимско одржување на улиците, исплатен е паушал во износ од 42 илјади евра, без извршена ефективна работа на возилата и изнајмен е простор наменет за читални без спроведен јавен оглас или повик во медиуми за што се исплатени скоро 12.000 евра, иако истите не функционираат.
При изградба на детска градинка во населба „Пролет“ со вкупна вредност од 2.995.950 евра без ДДВ не се испочитувани во целост одредбите од Законот за градење. Во текот на изградбата склучени се анекс договори во кои се предвидени работи кои не се составен дел на основниот проект, а воедно не е извршена ревизија на сите фази од основниот проект, која е предвидена со закон.
ЈП „Водовод и канализација“ Скопје има извршено три проверки на новоизградената атмосферска канализација и поради отстапување на изведените работи, односно позициите како преповрзување на постоечките објекти на новоизградената водоводна мрежа Ф 150, како и прифаќање (преповрзување) на постоечките водоводни мрежи кои гравитираат кон предметната улица кои се дел од проектот не се изведени, не е извршен технички прием на водоводната и атмосферската канализација.
По доставениот Нацрт извештај на Овластениот државен ревизор за надминување на недостатоците и изведување на приклучок на водоводната мрежа Општина Центар и ЈП „Водовод и Канализација“ Скопје склучиле договор со кој се регулирани одредени активности за приклучување, поврзување и реконструкција на водоводната мрежа Ф150 на улица „Аминта 3“ согласно техничкото решение.
Од Заводот апелират дека за надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица.