Прес -конференција во УЈП. Фото: Слободен печат/Весна Дамчевска

129 вработени во УЈП треба да ги вратат зголемените износи на платите за 7 месеци

Овие вработени не се виновни за тоа што платите им се зголемиле и бараме начин како побезболно да поминат, вели директорката на УЈП, Елена Петрова откако Државниот инспекторат за труд им ги поништил договори за работа

Денеска престанаа да важат договорите за работа на сите вработени во УЈП и тие мора да потпишат нови договори, наложил Државниот инспекторат за труд. Ова е според нивната одлука за поништување на актот за нивно групно вработување од 12 февруари годинава, во согласност со новата систематизација. Одлуката има големи последици за 129 вработени што со февруарскиот акт за вработување од административни станале даночни службеници, со повисоки плати. Поништување на одлуката, правнички значи дека тие треба да ги вратат зголемувањата на нивните плати што ги примале 7 месеци. Бруто-износот на делот што се однесува на зголемените плати е 18 милиони денари.

Ова го објасни директорката на УЈП Елена Петрова, која изрази голема загриженост за вработените, нагласувајќи дека тие не се виновни за тоа што земале поголеми плати и рече дека ќе се бараат решенија како оваа кризна состојба да се реши на побезболен начин.

– Во УЈП наследив една многу загрижувачка, кризна состојба, а која се однесува на најделикатните прашања во врска со правата од работен однос. Претходната директорка на УЈП донела одлука и акти што се незаконски и поради кои сега имаме еден хаос во организирањето на некои работни процеси. Незаконитоста и формално правните неправилности ги констатираа и Државната комисија за спречување корупција и Државниот инспекторат за труд. Во моментов јас треба да извршам наредба на Трудовиот инспекторат со која ми се наложува поништување на одлуката со која претходната директорка во февруари ги откажала вработувањата на сите вработени во УЈП, а воедно им наложила да продолжат да работат според новите интерни правилници. Поништувањето на оваа одлука сега значи и поништување на сите правни последици. Значи, ќе се поништат договорите со вработените склучени по распишувањето на изборите. Тоа има влијание и врз исплатените плати на одредени вработени што добиле повисока плата со нивниот статус – изјави Петрова.

Во УЈП според закон има само даночни работници?!

Петрова објасни и како тоа дошло до промена на статусот на овие вработени. Имено, тие биле административни работници, но со измени на Законот за УЈП, таму сите мора да имаат статус на даночни работници и не постојат веќе административни работници.

– Според измените на Законот за УЈП, требаше да се донесе нова систематизација до 3 ноември, но тоа не е направено тогаш, туку е направено на 26 јануари. Така се склучиле нови договори во изборен период кога не е законски – објасни директорката на УЈП.

Административни работници беа вработени во општи и заеднички работи, на финансиски прашања, за јавни набавки… Измените на Законот за УЈП не предвидуваат никакво административно работење. Ова направило и сè уште прави хаос. На новинарско прашање какви нови договори тогаш ќе им се дадат на овие работници, директорката Петрова вели дека тие мора да добијат решенија за даночни работници. Административните работни места значи ќе останат празни, а работата допрва треба да се размрсува.

– Правилниците за внатрешна организација и систематизација не се во согласност со Законот за УЈП, Законот не е усогласен со Законот за администрација. Тоа допрва треба да се усогласува – рече директорката на УЈП.

Кој ќе ги плати грешките?

Правилниците за внатрешна организација и систематизација еднаш не добиле одобрување од Министерството за информатичко општество и јавна администрација. Позитивно мислење од ова Министерство не добиле ни измените на Законот за УЈП. Но, потоа, како што тврди Петрова, на 9 февруари добиено е одобрување за правилниците, и тоа со потпис на Азир Алиу, кој истиот ден е разрешен. По одобрението донесена е одлука за групно престанување на важноста за договорите за работа. Бидејќи процесот се вршел во изборен период, Државната комисија за спречување корупција донела Одлука за повреда на Законот за спречување на корупција и на Изборниот законик.

– Сега бараме мислење од Државниот инспекторат за труд за тоа што може да се направи за вработените што не по своја вина имале нови договори со поголеми плати. Разговаравме и со синдикатите, бараме правна помош и од експерти. И Инспекторатот и Државната комисија за спречување корупција донеле одлуки. Треба да се види кој ги направил грешките и кој ги донел работниците во ваква состојба – рече Петрова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот