Звучна конекција на грчки и македонски музичари во заеднички проект

Концертот се одржа во звучниот амбиент на „Аудиокултура“ / Фотографија: Стефан Рајхл

Домот на префинетиот звук „Аудиокултура“ на „Теохаров Аудио“ на 29 март понуди совршен амбиент за заеднички настап на грчки и македонски музичари обединети во проектот „Приказни од кутијата“.

Грчките музичари Танос Ставридис и Стела Темпрели во потрага по македонски музички партнер во нивниот проект се запознаваат со пијанистот Бобан Мирковски и по првичното „опипување на пулсот“ веќе размислуваат за постојана и поширока соработка.

Резултат на нивната музичка конекција се два концерти, еден во Кавала и еден во Скопје. Едночасовната програма на концертот во Скопје содржеше дела создадени во распон од околу 300 години, почнувајќи од Бах сѐ до современи авторски композиции.

Дел од темите што беа изведени припаѓаат на популарната музика, како песни од групите „Битлси“ и „Квин“, а имаше и изведба на филмска музика од познати остварувања, како филмови за Џејмс Бонд и серијата „Мапет шоу“.

На концертот премиерно беше изведено и делото „Пилион“ (според име на планина во близина на Волос) од македонскиот композитор Љупчо Мирковски.

– Во последниве 4-5 години со Стела Темпрели настапуваме како дуо со проект кој го насловивме „Приказни од кутијата“ (Tales from the box). Идејата за користење на терминот „кутија“ во насловот на проектот се појави како инспирација од формата на нашите инструменти (хармоника и виолончело), која асоцира на кутија од која излегува звук. Минатата година сакавме да најдеме музичар од Македонија, кој ќе настапи со нас на фестивал за класична музика во Кавала. Стапив во контакт со Манде од „Баги Комуникации“, кој ме упати на Бобан Мирковски, кој свири на пијано. Откако се запознавме со Бобан, сфатив дека тој е син на Љупчо Мирковски, кој беше диригент на еден концерт по повод 26 јули, денот на скопскиот земјотрес, пред неколку години, кога и јас бев дел од Биг-бенд оркестарот. Така сфатив дека со Бобан сме биле поврзани и пред воопшто да се сретнеме – објасни Танос Ставридис.

Стела Темпрели и Танос Ставридис / Фотографија: Стефан Рајхл

Соработката меѓу музичарите почнала многу спонтано и наспроти сите политички проблеми меѓу двете држави, што се случуваа со години наназад, помислиле дека културата треба да биде таа што ќе ги спои како уметници.

– Во музичка смисла, нив им требаше пијанист кој не се држи само до класичниот репертоар, туку има интерес да навлезе во повеќе различни жанрови. Иако сум класичен пијанист по образование, сакам да истражувам во нови правци и така почна нашата соработка – открива Бобан Мирковски.

Првиот заеднички настап им бил на фестивалот „Космополис“ во Кавала, во Грција во ноември 2022 година, а по настапот на 29 март во „Аудиокултура“ во Скопје планираат да ја продлабочат нивната соработка и да ја прошират надвор од границите на двете држави.

– Убавата работа е што уметноста и музиката обединуваат. Имаме толку многу заеднички нешта и сакаме да ја задржиме комуникацијата и да се обидеме да го прошириме полето на соработка. Со Стела имаме ист начин на размислување во однос на музиката, додека Бобан е класичен музичар кој сака да го истражува универзалниот јазик на музиката и тоа убаво се вклопува во нашите заеднички идеи за соработка – заклучи Танос Ставридис.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 173, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.4.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот