Зошто земјите кои му дозволуваат на вирусот да дивее можат да го загрозат целиот свет?

Relatives in personal protective equipment (PPE) suits stand near the body of a person who died due to the Covid-19 coronavirus, at a cremation ground in New Delhi on May 6, 2021.,Image: 609615613, License: Rights-managed, Restrictions: ALTERNATIVE CROP, Model Release: no, Credit line: Prakash SINGH / AFP / Profimedia

Високо заразни варијанти на ковид-19 се појавија во Индија и во Бразил, а доколку нивното напредување не се сопре, вирусот би можел да еволуира и да стане отпорен на вакцините

Минатата и оваа недела Индија ги сруши сите најцрни рекорди во ковид-19. Само во вторникот имало 357.229 нови инфекции и 3.449 смртни случаи. Билансот е, секако, потрагичен: многу здравствени експерти веруваат дека пет до десет пати повеќе луѓе умираат во Индија секој ден отколку што покажуваат официјалните податоци.

Во шокантниот извештај од индиските градови, пишува германскиот магазин „Шпигел“, земјата е погодена и од недостаток на кислород и респиратори, недостаток на кревети во болниците и единиците за интензивна нега, а крематориумите се преполни.

Опозицискиот лидер Раул Ганди повика на национален карантин, а премиерот Нарендра Моди – за кого многумина во Индија велат дека ја потценил пандемијата – се согласува дека земјата „паднала во вистинска бура“.

Крајот не се гледа

Помалку од два проценти од населението е вакцинирано на целиот потконтинент. „Нема никој во Индија што не познава некого заразен од вирусот“, вели за „Шпигел“ Гаутам Меном, професор по биологија и физика на универзитетот „Ашока“ во Сонипат, близу Њу Делхи. „Нашите модели предвидуваат дека бројот на случаи ќе продолжи да расте, до крајот на мај.“

Она што ги исплаши не само Индијците, туку и целиот свет, е мутант-вирусот што се шири низ целата земја. Неговото научно име е B.1.617, а веќе е пренесен во Европа, во Германија и Велика Британија. Иако не е целосно јасно дали постојат разлики во инфекциите, оваа мутација е потенцијално поопасна поради две генетски промени, E484Q и L452R. За нив се смета дека вирусот може полесно да влезе во телото на домаќинот преку грлото или носот и да го направи патогенот повеќе заразен.

Уште поважно прашање е дали овие варијанти дозволуваат вирусот барем делумно да ја избегне одбраната на телото. Алекс Сигал од институтот „Макс Планк“ вели дека веројатно е така. Кога луѓето се изложени на SARS-CoV-2, нивното тело формира антитела и тие го обележуваат вирусот, па во случај на реинфекција, имуните клетки можат да го уништат. Но, овие мутации го менуваат „сигналот“, што значи дека антителата не можат да го препознаат патогенот.

Враќање на почеток?

Така, B.1.617 може да ги зарази и вакцинираните лица. Ако се случи тоа, сигурно следува нова пандемија и враќање на почетокот. И британската варијанта, означена како B.1.1.7, покажува знаци на заразна болест. Бразилскиот P.1, се чини дека е мутант кој знае како да го измами имуниот систем кај луѓето со прележан ковид.

Сето ова го прогнозираше, на крајот на минатата година, британскиот експерт Џереми Фарар, во интервју за „Шпигел“. „Неизбежно, овие нови варијанти ќе продолжат да се шират и ќе станат доминантни низ целиот свет. „Работите ќе се влошат ако вирусот продолжи да се менува“, рече тој.

Она што во моментов го гледаме во Индија и Бразил е еден вид експеримент, огромен и трагичен. Единствениот начин да се спречи ширењето на нови варијанти е вакцинацијата ширум светот. „Ние мора да го вакцинираме целиот свет, од научни, здравствени и економски причини, но исто така и од морални причини и за сите да се заштитиме“, изјави Фарар.

Хорор сценарио

Индискиот мутант бил откриен во јануари, во анализата на три примероци во сојузната држава Махараштра. Следуваа повеќе случаи. Проблемот е во тоа што Индија не спроведува доволно истражувања на вирусните мутации. Тоа е и причината што, меѓу другото, вирусолозите само теоретски знаат какви се последиците од мутацијата, било да е биолошка или заразна. Потребни се лабораториски експерименти за да се утврди дали мутантниот вирус може да избега од имунолошкиот одговор на организмот и со тоа да ги направи вакцините целосно неефикасни.

Ова може да се случи во случај на мутација во Јужна Африка со варијантата B.1.351. Индиската мутација не само што се шири побрзо од оригиналниот вирус, туку го напаѓа целото семејство, со сосема нови симптоми, вклучително и конјунктивитис и дијареја.

Но, доказите се главно анегдотски. Секоја држава што дозволува дивеење на вирусот, всушност размножува и храни нов супермутант и постои страв дека ќе се појави мутација против која ниту една вакцина нема да помогне. Џереми Фарар вели дека можноста тоа да се случи е можеби помалку од десет проценти.

„Но, десет проценти се премногу голем ризик“, констатира Фарар.

Преземено од „Недељник“ од Белград

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот