Зошто заборавивме да зборуваме за среќата? – Слободен печат
Колумни

Зошто заборавивме да зборуваме за среќата?

Денес, за жал, речникот на омразата доминира над речникот на среќата, тоа е факт. Факт што не треба да нè остава рамнодушни. И борбата за неговото надминување е еден вид среќа. Има многу други, обични нешта што нè прават среќни, на кои треба да им дадеме предност, да не ги потиснуваме, колку на тоа да нè принудуваат околностите.

Толку многу сме далдисани по политиката, така што човек ќе помисли дека за ништо друго и не знаеме да зборуваме, и дека ништо друго и не постои на светот. А постои. Колку и политиката да сака да завладее со нашите животи, таа може да му се наметне, но не смее целосно да го проголта. Затоа што таа е само негов дел, многу битен, но не апсолутно најбитен. Кога политиката би била барем најважната споредна работа на светот. За жал, таа сега е најважната, од најважните работа на светот. Во тоа е проблемот. Загубен е балансот што тешко се воспоставува. А би требало да биде во функција на животот и човекот во најубавата смисла на зборот.

Легитимно е да се зборува и да се делува во политиката, исто како што е легитимно да се живее. Но на некои луѓе ако им забраните да зборуваат исклучиво за политиката, го губат тлото под нозете, исчезнува есенцијата, стануваат непрепознатлив, безличен лик, празен поим. Ја губат врската со моќта, а со тоа и смислата на постоењето. Се разбира, ваквите генерализации имаат чесни  исклучоци, и тоа е добро. На секоја генерализација потребен и е исклучок, во спротивно би западнала во истите шеми.


Предност на обичните нешта

Сепак, претерувањето со политизацијата кај нас е толку очигледно, што тешко може да се најде рационално оправдување. Неодамна прочитав изјава од една француска интелектуалка која вели: не сакам политиката да ми биде секојдневие. Навистина, состојбите кај нас можеби се поекстремни, но нив ги има насекаде во светот. Таквите екстреми како да станаа цивилизациска препознатливост.

Навистина, зошто заборавивме да зборуваме за среќата? И во условите кога ќе нè притиснат проблемите што ги произведуваат политиката, идеологијата или нагласената партизација и екстремната поларизација, животот, сепак, е комплексен, тој тече понатаму, не запира. Тоа значи дека има многу други, обични нешта што нè прават среќни, на кои треба да им дадеме предност, да не ги потиснуваме, колку на тоа да нè принудуваат околностите.

Понекогаш малите, секојдневни нешта, средби, разговори, навидум мали, но големи задоволства, пријателства, љубови, го чинат животот побогат, разнообразен, неповторлив. Навистина, зошто забораваме и не зборуваме за нив? Давајќи им предност, можеби тоа е најдобриот начин да ја потиснеме негативната енергија на која секојдневно сме изложени.

Тие мали големи доживувања на секојдневните нешта се незаменливи вредности на човековиот живот: можност личноста да се реализира слободно и сестрано без идеолошка или каква било друга авторитарност и притисок. Важни се приоритетите на семејството и љубовта, негување на традицијата, најразличните форми на пријателство и дружење, забавата, духовната релаксација низ поврзаноста со природата и прошетките, среќата од доживувањето на драгите нешта и личности од минатото, повторното откривање или посета на старите култни места во градот или откривање и негување нови.

Убавиот збор, добрата мисла или искреното пријателство, многу често значат повеќе среќа од материјалното богатство и робување на идеолошките шеми. Мојата пријателка Линдита Кадриу има обичај кога ќе ми се јави, да рече: подготви се, денес одиме на ќебапчиња во „Пчела“, во Старата чаршија. И не заборава да додаде: таму сум најсреќна, во дебелите сенки, во старите зданија, би останала и по цел ден. Да, Старата чаршија е вистински парламент, не оној политичкиот, туку оној во кој пулсира со живот во сета негова разнообразност, убавина и богатство. Разнообразието е еден вид среќа.

 

Стоикот Сенека

 

Поводот и поткрепата за сите овие размислувања ми ги даде кој друг, ако не стариот антички мудрец и филозоф, стоикот Сенека. Со неговите генијални размислувања во книгата „Писма до Лукилиј“, во кои зборува за среќата, мудроста, пријателството, за доброто и злото, за човечкиот живот воопшто, за лагата и искреноста, за суровоста на политиката што ја искусил на сопствената кожа, додека бил во служба на римскиот император, но и потоа.

Не заборава и не ја пропушта можноста да зборува и за среќата: „Среќен е оној човек што почитува една личност до таа степен, што и самата помисла на таа личност ќе  го направи да биде подобар. Кој знае така да почитува некого, наскоро и самиот ќе стане достоен за почит“. Овде не треба да се бара посебно наравоучение за среќата: среќата не може да постои во општото непочитување и подметнување. А среќен, сам по себе, не може да биде ниту оној што заповеда со светот и со другите. Или како што вели Сократ во Платоновиот дијалог „Федар“: „Да имам злато толку, колку што не би можел да носи никој друг, туку само разумен човек“.

Денес секој сака да има повеќе, за да биде среќен, без оглед како го стекнал богатството. Таквата потрага по среќа, наеднаш станува несреќа. Сенека вели: „Не е сиромашен оној кој има малку, туку оној кој сака многу повеќе. Не е од голема важност тоа колку богатство некој држи во ќупот, колку жито и стока има, или колкав е неговиот капитал, ако постојано посегнува по туѓото и не мисли на она што веќе го има, туку на она што треба да го добие. Мера за богатството е да го имаш неопходното и она што ти е доволно“. Затоа, не треба да забораваме да разговараме за среќата.

Како што вели Достоевски, убавината е таа што ќе го спаси светот, а во тоа, би додале, и среќата треба да има свој удел. Денес, за жал, речникот на омразата доминира над речникот на среќата, тоа е факт. Факт што не треба да нè остава рамнодушни. И борбата за неговото надминување е еден вид среќа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

2 Коментари

  1. Ubavo, ama i ne ubavo. Za dobro ili za losho, vo ovoj
    period koga sme na raskrsnica
    (za edni- se raskrchmuva, za drugi- se reshava) so
    osnovite na zemjava, teshko i mozhebi shtetno e da se zanemari politikata. Sekoja
    generacija ima dolg i obvrska
    sprema prethodnite i idnite generacii i da se obide da go napravi najdobroto shto mozhe za istite.
    pokolenijata, a sega se kluchni dejstvija so rezultati koi mozhe da se so trajnost od stotici godini. Sekoja generacija ima dolg i obvrska sprema prethodnite i idnite generacii.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close