Зошто возачите ја избегнуваат катната гаража спроти ГТЦ? Погледнете ги фотографиите и ќе ви стане јасно

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

И покрај изградбата на катните гаражи, проблемот со паркирањето во Скопје и понатаму е присутен. Лошата состојба во која се наоѓаат дел од гаражите, но и неуспехот на скопјани да се навикнат да паркираат во нив, резултира со делумно празни катни гаражи. За сметка на тоа, узурпирани тротоари, редици автомобили за влез на паркиралиштата и автомобили паркирани на коловози се редовна слика од скопското секојдневие. Во моментов, во катните гаражи има повеќе од 3.000 слободни паркинг места.

Во централното градско подрачје има седум катни гаражи, две на ЈП „Градски паркинг“, една на ЈП „ПОЦ“ и четири на АДССДП.

Со реакција за една од гаражите на АДССДП се јавија неколку читаатели на „Слободен печат“.

Според нивните сведоштва, најнеодржувана е катната гаража со која стопанисува Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор. Со цел да се увериме во вистинитоста на исказите од нашите читатели ја посетивме катната гаража „Разловечко востание“, што се наоѓа спроти Градскиот трговски центар и Трговскиот Центар “Соравија”, со капацитет од 516 места. Таму затекнавме лифт кој не работи и уште еден кој работи, ама е небезбеден поради постојаното тресење и прекинување на електричната енергија. Кваките од вратите исто така не работат, што го оневозможува и движењето по скали за излез од гаражата. Тоа, како што потврдуваат фотографиите, е причина што поголем број возачи ја избегнуваат оваа катна гаража.

Катна гаража „Разловечко востание“
Катна гаража „Разловечко востание“
Фото: Слободен печат/Д. Митрески
Фото: Слободен печат/Д. Митрески

„Слободен печат“ побара коментар од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата за тоа колку ваквите проекти придонесуваат за подобрување на сообраќајната култура во Скопје.

– Ние ги поддржуваваме и поздравуваме овие проекти затоа што истиот се чекор напред во унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, но уште многу работи треба да се променат за да се промени генералната состојба. Пред се, личната свест за користење на овие паркинг простори и општо за безбедно учество во сообраќајот. Бидејќи, ако возачите не ги користат слободните паркинг места, а наместо тоа се паркираат непрописно, го отежнуваат протокот на возила, а со тоа придонесуваат за небезбедно возење или движење на сите кои би сакале да ги заобиколат или избегнат – велат од РСБСП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот