Зошто витамините од групата Б се толку моќни и во кои намирници ги има најмногу?

Фото: Профимедиа

Списокот на виталните функции во кои се вклучени витамините од групата Б навистина е „километарски“. Секој има своја задача, а често се надополнуваат, па учествуваат во илјадници процеси во организмот, вклучувајќи го создавањето на енергијата, растот на клетките, преносот на нервните импулси.

Неопходни се за нормалното работење на кардиоваскуларниот, имунолошкиот и дигестивниот систем, како и за здравјето на кожата, косата и ноктите.

Витамините од групата Б организмот не може сам да ги произведе, па треба секојдневно да ги земате преку исхраната.

Витамин Б1 – тиамин – клучен е за преработката на јаглехидратите, мастите и протеините во организмот, како и за работењето на кардиоваскуларниот и нервниот систем. Извори: изнутрици (црниот дроб), јајцата, месото, житарките од цело зрно, зелениот лиснат зеленчук, оревите, грашокот, гравот, кикиритките.

Витамин Б2 – рибофлавин – исто така е неопходен за создавање на енергијата од јаглехидратите, мастите и протеините, како и за дишењето, видот и растот. Најмногу го има во млечните производи, јајцата и месото, а добри извори се и зелениот лиснат зеленчук, житарките од цело зрно и јаткастите плодови (бадеми, лешници, ореви).

Витамин Б3 – ниацин  исклучително е важен за добивање енергија од гликозата, за производството на хормоните како и за работата на нервниот, кардиоваскуларниот и дигестивниот систем. Извори: квасецот, млечните производи, јајцата, месото од живината, рибата, мешунките, јаткастите плодови. 

Витамин Б5 – пантотенска киселина – директно е вклучена во производството на енергијата, а важна е и за расположението, како и за урамнотеженото ниво на холестеролот во крвта. Се наоѓа во квасецот, црниот дроб, рибата, месото, јајцата, житарките од цело зрно, зеленчукот, овошјето.

Витамин Б6 – пиридоксин  исклучително е важен за имунитетот, создавањето на крвните клетки и хормоните, како и за работењето на мозокот и за „биолошкиот часовник“. Извори: изнутрици (особено црниот дроб и бубрезите), мисирката, туната, квасецот, бананите, сувото грозје, спанаќот, сојата, јајцата, млекото, компирот.

Витамин Б7 – биотин – неопходен е за метаболизмот на јаглехидратите, протеините, мастите и аминокиселините, како и за растот на клтеките. Извори: квасецот, изнутриците, жолчката од јајцето, печурките, бананите, кикиритките, морковот, карфиолот.

Витамин Б9 – фолна киселина – е клучна за синтензата на ДНК, значи за изградба на сите нови клетки, па е особено важна во бременоста. Учествува во создавањето на еритроцитите (црвените крвни клетки) и е битна за работењето на кардиоваскуларниот систем. Најмногу ја има во зелениот лиснат зеленчук, мешунките, цитрусното овошје, житарките од цело зрно и месото.

Витамин Б12  цијанокобаламин – исто така учествува во синтезата на ДНК, како и во создавањето на еритроцитите и протеините. Важен е за активноста на нервните клетки и расположението,како и за работењето на кардиоваскуларниот систем. Извори: риба и морските плодови, месото, млекото и млечните производи, јајцата.

Колин и инозитол се вбројуваат во витамините на Б комплексот иако по структурата не се витамини, но на сличен начин учествуваат во метаболизмот и во преност на нервните импулси. Колинот се наоѓа во јајцата, сојата, животинските масти, брашното од овес и зеленчукот. Извори на инозитолот се храната од животинско потекло, житарките од цело зрно и зеленчукот.

 

Видео на денот