Зошто Русите и се закануваат на Литванија или како држава која е помала од Москва му се спротиставува на Кремљ?

Вилнус Литванија EPA/STR

Со одлуката за забрана на транзит на стоки санкционирани од ЕУ преку нејзина територија, која ја опфаќа единствената железничка рута меѓу копното на Русија и Калининградската ексклава на Балтичкото Море, Литванија сериозно ја налути Русија. Во Москва се толку лути што се поотворено му се закануваат на Вилнус, поради што расте стравот дека постоечкиот конфликт би можел да се прошири – а тоа би значело војна меѓу НАТО и Русија.

Калининград, кој се наоѓа меѓу Литванија на север и исток и Полска на југ и не е територијално поврзан со Русија, целосно се потпира на залихите што до него стигнуваат по железница од Русија.

Списокот на забранети стоки вклучува, меѓу другото, јаглен, метали, градежни материјали и напредна технологија. Но, во страв од забрана на други стоки, во оваа енклава е забележана паника, пишува Гардијан.

Во обид да ја смири ситуацијата, регионалниот гувернер Антон Алиханова во саботата изјави дека два брода веќе превезуваат стока меѓу Калининград и Санкт Петербург и дека уште седум ќе бидат оперативни до крајот на годината.

Калининград EPA-EFE/VALDA KALNINA

Москва е бесна

Москва врие од гнев поради ваквата одлука на Литванија. Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин, го нарече потегот на Вилнус „незаконски“.

„Оваа одлука е навистина без преседан. Тоа е кршење на сè. Ние веруваме дека ова е незаконско. Ситуацијата е повеќе од сериозна… Ни треба длабинска анализа за да го разработиме нашиот одговор“, рече тој.

Многу со оостар став настапи Николај Патрушев, секретар на Советот за безбедност на Руската Федерација, и близок соработник на рускиот претседател Путин

„Русија сигурно ќе одговори на таквите непријателски дејствија. Дефинирањето соодветни мерки се врши на ниво на ресор и ќе се спроведе во блиска иднина. Последиците ќе имаат сериозно негативно влијание врз литванското население“, рече тој.

Калининград фото EPA-EFE/Adam Warøawa POLAND OUT

Руското Министерство за надворешни работи вели дека Вилнус мора да го повлече „отворено непријателскиот“ потег.

„Доколку транзитот на товар меѓу Калининградската област и остатокот од Руската Федерација преку Литванија не биде целосно обновен во блиска иднина, Русија го задржува правото да преземе мерки за заштита на своите национални интереси“, се вели во соопштението.

Министерството го покани главниот дипломатски претставник на Литванија во Москва на формален протест и изјави дека балтичката земја ги прекршува меѓународните договори.

НАТО Литванија EPA-EFE/TOMS KALNINS

ЕУ: Загрижени сме поради руската одмазда

Коментарите на Русија предизвикаа тревога во Брисел, каде што високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Џосеп Борел рече дека Литванија едноставно го спроведува режимот на санкции на блокот. Тој, сепак, додаде дека е загрижен за ризикот од одмазда и дека ќе провери дали се почитуваат сите правила, обвинувајќи го Кремљ дека се занимава со пропаганда.

„Секогаш сум загрижен за руската одмазда“, рече тој.

„Нема блокада. Копнениот транзит меѓу Калининград и другите делови на Русија не е забранет. Второ, транзитот на луѓе и стоки што не се санкционирани продолжува. Трето, Литванија не презеде никакви еднострани национални ограничувања. Ова не е спроведување на нивната волја.Што и да направат е последица на претходна консултација со Европската комисија која даде насоки“, заклучи тој.

По состанокот во Брисел, литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис рече дека Москва шири лажни информации и дека државната железничка служба постапува легално со само спроведување на режимот на санкции на ЕУ со кој се забранува испорака на стоки од челик или железна руда во Русија.

Ландсбергис рече дека помалку од половина од стоките што вообичаено се испорачуваат во транзит низ Литванија ќе бидат опфатени со режимот на санкции.

„Мислам дека имаше некои лажни информации, не првпат, објавени од руските власти, но мило ми е што имам можност да ги објаснам“, рече тој.

И министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба на Твитер оцдени дека за оваа состојба единствено „виновна е Москва“.

„Русија нема право да и се заканува на Литванија. Москва е виновна за последиците од нејзината неиспровоцирана и неоправдана инвазија на Украина. Ја фалиме принципиелната позиција на Литванија и стоиме цврсто со нашите литвански пријатели“, додаде тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот