Зошто Руси доаѓаат на вакцинирање во Србија, Хрватска и други земји?

вакцинација србија
Скрининг тест за ковид /Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Сѐ повеќе Руси сакаат да се вакцинираат со вакцини признати од ЕУ, за да можат да патуваат низ светот. Вакциналниот туризам зема замав – а Русите најчесто доаѓаат во Србија и во Хрватска

Руската вакцина Спутник V не е признаена на Запад и неизвесно е дали тоа воопшто ќе се случи. Тоа го отежнува животот на многу Руси, бидејќи за влез во многу земји потребен е доказ за вакцинирање против Ковид-19 со вакцините кои ги одобри ЕУ. Со тоа не се погодени само туристите.

Многу руски граѓани патуваат во странство на работа или во посета на роднини. Без потврда за вакцинација, во некои земји не може да се влезе во ресторан или во хотел.

Ситуацијата пред неколку месеци изгледаше поинаку – во април годинава некои граѓани на ЕУ патуваа во Русија за да се вакцинираат со Спутник V. Во тоа време стапките на седумдневната инциденца во ЕУ беа високи, а вакцините беа достапни само за лицата кои беа загрозени поради старост, здравствена состојба или професија. Во Русија вакцината Спутник V беше бесплатна и брзо достапна.

Но, од септември ситуацијата се промени, побарувачката за патувања во Русија поради вакцинирање опадна, а Русите почнаа да се интересираат за вакцинирање во земјите од ЕУ.

Србија најпопуларна за Русите

„Во септември редовните корисници на услугите на туристичките компании сфатија дека процесот за одобрување на Спутник V се оддолжува. Поради тоа побараа од туристичките фирми и агенции да им помогнат да добијат пристап до вакцините кои ги одбори СЗО“, вели Маја Ломидсе, директор на здружението Руски туроператори.

Така почна да се развива посебна туристичка гранка. Заедно со партнерите во странство, туристичките компании почнаа да организираат излети во земјите во кои можеа да се вакцинираат странци. Во моментов руските туристи без поголеми препреки можат да се вакцинираат во три европски земји.

Најпопуларна е Србија, а следат Хрватска и Грција. Србија е во предност поради својата достапност, бидејќи на Русите не им е потребна виза за влез во земјата, а таму и вакцината е бесплатна.

Многу Руси патуваат и во Хрватска иако им е потребна виза за да добијат вакцина од Џонсон и Џонсон, за која се одлучуваат бидејќи е потребна само една доза.

И додека организаторите на патувањата во септември имаа 10 до 20 патувања за вакцинирање месечно, веќе на крајот на октомври добиваа 10 до 20 дневно. Маја Ломидсе не смета дека ќе дојде до намалување на побарувачката сѐ додека Спутник V не биде признаена од СЗО или од Европската агенција за лекови.

Според зборовите на Видета Вердија, која работи за рускиот туроператор БСИ Група, постојат неколку причини поради кои вакцинирањата во странство во моментов се толку популарни. „Секој кој ќе прими вакцина одобрена од СЗО или од ЕУ има низа можности за патување во европските земји. Некои сакаат да ги видат своите родители кои живеат во земјите од ЕУ, некои своите деца, а некои мораат да одат поради бизнис патувања. Тие не можат секои три дена да одат на тестирање, за да можат да отидат во ресторан“, вели таа.

БСИ Група на Русите им нуди и вакцинирање во Германија. Меѓутоа, тие патувања се најскапи и многу тешко можат да се добијат. Маја Ломидсе вели дека самата вакцинација во Германија чини од 500 до 800 евра. Покрај тоа, се наплатуваат 60 евра за преведувач, кој го ангажира туроператорот односно БСИ група. Освен тоа, цените за сместување и останатите услуги во Германија се многу повисоки отколку во Србија или во Хрватска.
Вакцинирањето странци во Германија службено не е дозволено, но во некои случаи пред вакцинирањето не е побаран ниту пасош, велат од рускиот оператор Чајка-Тур.

„Нема аранжмани во Германија за оние кои што сакаат да се вакцинираат, а не може ни да се планира бидејќи вакцинирањето не е признаено како причина за виза за оваа земја“, порачуваат од оваа компанија.

„Вакцинирање поради полесно патување“

На Давид Афанасијади од Москва му се укажала можност за вакцинирање за време на бизнис патување. Ова момче за ДВ вели дека патот до Монако го водел преку аеродромот во Ница, така што некое време поминал во овој град на Азурниот брег. Имал туристичка виза за влез во земјата од пред пандемијата и покана од бизнис партнерот. Иако Давид Афанасијади веќе имал потврда за вакцинација со Спутник V, сакал вакцина која е признаена во ЕУ.

„Нема смисла да се зборува за доверба во оваа или онаа вакцина. Не сум лекар. Но, сакав таква која е секаде признаена, за да можам полесно да патувам во светот“, вели Афанасијади.

Една пријателка му помогнала да се пријави преку интернет. Тој признава дека без помош од некој кој таму живее и кој добро го зборува францускиот јазик, не би можел да се вакцинира во Ница. За пополнување на прашалникот и за разговор со лекарот потрабно било добро познавање на јазикот. Афанасијади сега има и европски ковид-пасош. Тој вели дека на секој кој има доказ дека вакциниран со Спутник V му е потребна само една доза од вакцината на Бионтек/Фајзер.
Бустер-вакцина во Виена

Докторот Саур Мугутдинов од Санкт Петербург дојде на пракса во Австрија. Во Русија ги прими двете дози од вакцината Спутник V, но во Австрија тоа не вредеше ништо. Тој се одлучи за Џонсон и Џонсон.

„Ми заштеди многу пари за ПЦР и антиген тестови. Ситуацијата сега е тешка, дури и во Шенген зоната има гранични патроли кои ги проверуваат КуАр-кодовите. Освен тоа, не можете да одите во ресторани и барови без потврда за вакцинација“, вели тој.

Откако бил вакциниран во еден виенски трговски центар, тој презел акции против руските скептици и противници на вакцинацијата на руските социјални мрежи и ги убедувал своите сограѓани да се вакцинираат.

„Движења против вакцинацијата постојат насекаде, но во Русија тоа стана ремек-дело. Речиси мнозинството од населението е против вакцинација“, вели тој, додавајќи во неверување: „Никогаш не сум видел нешто слично“.

Извор: Дојче веле

[sc name=”dw” ][/sc]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот