Зошто, претседателе Пендаровски, релативизирaте!?

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Претседателот Пендаровски не е неписмен човек. Е, сега, прашањето е, зошто ваква глупава изјава би дал писмен човек: „можеби тероризмот е претешка квалификација“ или „знам по нешто и за тероризмот“?

Искрен да бидам, не знам што се случува со претседателот на државата Стево Пендаровски, од проста причина што не можам да разберам зошто го негира или го „ублажува“ упадот во Собранието од 27 април 2017 година. Доволно е само да отвориме Кривичен законик, нема потреба од премногу филозофирање, и таму се си пишува. Од друга страна, нема потреба ниту да го читаме Кривичниот законик, доволно е само да ја следиме изјавата на Пендаровски, па ќе видиме дека се работи за чиста релативизација. А работата со релативизирањето вака функционира: релативизираме не затоа што не знаевме дека во Собранието на 27 април 2017 година се случи тероризам, туку релативизираме затоа што знаевме дека се случи.

Претседателот Пендаровски не е неписмен човек. Има завршено сериозно образование, не знам дали бил поддржан со некои познати и прочуени стипендии од типот „Фулбрајтова“, што-ти-ја-знам, ама очигледно е дека станува збор за писмен човек. Е, сега, прашањето е, зошто ваква глупава изјава би дал писмен човек: „можеби тероризмот е претешка квалификација“ или „знам по нешто и за тероризмот“? Можеби, пак, сака да ни каже дека оние што зборуваат дека во Собранието се случил тероризам ја матат водата, го раскаруваат народот и работат против негово помирување за подобра иднина. Зошто таква злоба би изговорил писмен човек?

 

Претседателска стратегија

 

Ајде да го оставиме настрана тероризмот во Собранието од 27 април 2017 година. Па, да прашам, чисто реторички: важи ли истата квалификација или релативизација и за, да речеме, холокаустот? Или можеби јас сега претерувам со паралелите или, пак, за холокаустот може да зборуваат исклучиво само оние што таму учествувале? Многу е убаво човек во политика да се прави „не сум од тука“. Така најмногу се добиваат симпатии од сите страни. На човека така и рејтинг му рипа, а што е човек без рејтинг?

Одговарајќи на исто прашање: можеби и партизаните не беа важни за земјата? Или одговорот е: не знам, не сум бил во партизани. Што ќе правиме, пак, со „ќосињата“ кои стоеја и билдаа атмосфера покрај ками, пиштоли и (кукасти) крстови? Тоа нели е дел од создавање атмосфера за линч која после некое време нужно доведе до насилство, а потоа се прашуваме „од каде пак кај нас тероризам“? Или што би рекол аргентинскиот фудбалер Клаудио Каниџа: „Ако кокаинот е дрога, тогаш јас сум наркоман“.

Значи: „Ако ќосињата се терористи, тогаш и јас сум терорист“. Ме разбирате: тоа што имам истетовиран кукас крст на грбот и извикувам: „Хајл Хитлер!“ не значи дека сум нацист. Кога беше нацизмот, ќосињата не беа родени. Како може јас да бидам нацист, кога не само што не учествував таму, туку не бев ниту роден. Па, да, многу јасно.

Ова е некоја нова претседателска стратегија. Одговорот: „извинете, нашите намери се добри“ не се однесува на собраниско-терористичкиот ревизионизам, една од оние задачи на сите политичари кои се прават „јас не сум од тука“. Според истиот принцип, како што успевам да исчитам, функционира и црногорската тајна полиција. Имено, нивниот шеф, на официјална Москва и оддава идентитет на двајца ЦИА-агенти кои во Црна Гора престојуваат со задача да пронајдат руски шпиони. Како е тоа направено? На најглупав возможен начин: така што таа супертајна информација уредно, со потпис и печат, им ја испраќа на проруските пратеници во црногорскиот парламент. На таков начин глупоста станува ефикасна одбрана, оти од другата страна се очекува заклучок: ова е толку глупаво што мора да не е намерно.

Не е добро да се правиме глупави, ниту да ги менуваме одлуките кои судовите веќе еднаш ги дадоа за насилството во Собранието од 27 април 2017 година.

 

Сите знаевме

 

Туку, да се вратиме ние на насилството и да се вратиме на тоа кој беше таму, а кој не беше, кој знаеше, а кој не знаеше… Моето тврдење е многу едноставно и многу непријатно: СИТЕ знаевме дека таму се случи тероризам.

Не само што СИТЕ знаевме дека тоа беше тероризам, туку знаевме дека тој и ќе се случи. Тероризмот во Собранието не беше никаков изолиран случај, никакво лизгање од мајчината материца според која граѓанска војна се одвиваше цела една декада. Некогаш прикриена, а некогаш толку отворена и сурова. На 27 април 2017 година се случи крешендо кое беше грижливо планирано и спроведено со злосторнички мотиви. Во некои поинакви, лабораториски околности, и без поддршка од некои странски сили – Македонија на 27 април 2017 година ќе станеше касапница на отворена граѓанска војна.

„Ние ништо не знаевме за случувањата во Собранието“, велат денешните протагонисти од ВМРО-ДПМНЕ. Ние само правевме шпалир од протести, онака како што порано го пречекуваа нашите татковци и мајки другарот Тито, или онака како што се испраќаат тенкови на боиште. Со насмевки и цвеќиња.

Најефикасна е онаа пропаганда која тропа на отворена врата. Граѓаните што ѝ припаѓаат на десницата во недоглед ќе ја повторуваат нивната пропагандна матрица – затоа што тоа е нивната одбрана. Станува збор за следново: додека злосторството трае, ние лажеме за злосторството за да биде можно; откако злосторството ќе се случи, ние ќе лажеме затоа што така ја браниме својата невиност, тврдејќи дека во злосторството не само што не учествувавме, туку за злосторството ниту знаевме. Меѓутоа, како што реков: сите знаевме.

Нашите „православни демохристијани“ цела една декада пљачкосуваа, палеа, уништуваа, создаваа микро и макро инженеринг на цела нација. Во таа бруталност, граѓаните молчеа, имитираа музи. Добиваа плата и молчеа. Така ја беше разбрале патриотската должност за сите злосторства на груевизмот кои беа направени пред сѐ во нивно име. Нивната улога беше да земаат плата и да молчат.

Да привршуваме, па да заклучиме. Не постои колективна вина, тоа многу добро го опиша Карл Јасперс. Ниту еден човек поради своето припаѓање на еден народ не е виновен за злосторствата што припадниците на неговиот народ ги направиле. Тогаш, пак, кога човек – па ако сака нека биде и претседател на држава – ќе се впушти во релативизација или негирање на тие злосторства тој, своеволно и при свест, станува соучесник со нив.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот