Зошто на нашите политичари им треба говорен стилист? – Слободен печат
ВестиКултура

Зошто на нашите политичари им треба говорен стилист?

Не трескајте глупости пред тв – екраните. Во оваа земја, сè уште има КУП образовани луѓе кои ве гледаат, а понекогаш, и внимателно ве слушаат.

Зошто на нашите политичари им треба говорен стилист? За да дојдеме до одговорот, ајде малку образование – за почеток да (ги) научиме што значи говорен стилист, тргнувајќи од коренот на зборот стил, кој го наоѓаме во старогрчкиот јазик, во зборот „стилос“.

Зборот стилос, денес, во буквален превод, значи пенкало. Сепак, во времето кога пенкалата не постоеле, стилос значело – столб. Во форма пак, на глагол, стил би можело да значи и нешто што се поддржува (стилоно, на грчки, поддржувам).

Дали ве поддржуваме во тоа што трескате јазични глупости пред камерите? Ич.

Што ви прават писателите?

Живеат ли од нешто, сте се прашале? Или мора да работат и како келнери во „трета смена“ за да преживеат? Па, додека послужуваат, да си запишат по некоја книга на фискалната сметка и да собираат сметки за да им се вратат, демек, парите, „од сусамот“.

Некогаш зборот стилист се поврзувал само со писателите. Тие биле стилисти, и тоа – само најдобрите писатели. Оние кои не умееле да создаваат вистинска слика од зборот, за да ја доближат до народот (сликата преку зборот), не можеле да бидат стилисти. Само малкумина се осмелувале да го напишат она што навистина го мислат, зашто верувале дека „на стилистите им е работа да го обликуваат зборот, а на мислителите им е работа да мислат“.

Тогаш, што ви е вам работа?, – запрашајте се.

Вака, „следејќи“ ве, по тв- екраните, ќе помислиме дека ви треба и стилист и мислител. Односно, уште по двајца вработени во администрацијата „по глава“ на политичар. Пу, пу, не важи!

„Оној што убаво ги обликува своите мисли е стилист“, пишува во старите (наши) книги. Сте го прочитале тоа? Или кога ќе ви спомнат стилист, мислите на бербер?

Некоја стара книга да нè имате да си размениме? Само, ве молиме, не оставајте ја во проектот улична библиотека. Ќе ја украдат.

Останете „вклучени“

Заклучокот од вториот дел на тема ГОВОРОТ на нашите политичари е дека – им треба говорен стилист затоа што изгледаат како да немаат што да ни речат, а имаат, демек, што да ни кажат. Разбравте? Тие си знаат.

Не грижете се, во следните текстови на темата ГОВОРОТ на нашите политичари, ќе објасниме и што е глагол, именка, заменка, придавка и како се формира проширена и сложена реченица.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close