Зoшто магнетна резонанца на срце кај пациенти со ковид-19?

Пациентите со ковид-19 се под зголемен ризик за срцеви аритмии, акутен коронарен синдром, срцева слабост, миокардитис. Механизмот на миокардната повреда кај ковид-19 вклучува бурен имун одговор или директна токсичност на вирусот врз срцевиот мускул.

Од првичната појава на вирусот на SARS-CoV-2 во декември 2019 година во Вухан, Кина, до денес заразени се повеќе од 100 милиони луѓе околу во светот и има над 2 милиони смртни случаи. Постои растечка загриженост за поврзаноста на инфекција со вирусот и кардиоваскуларните последици, за што зборуваат и сè побројните докази од литературата. Пациентите со ковид-19 се под зголемен ризик за срцеви аритмии, акутен коронарен синдром, срцева слабост, миокардитис.

Миокардната повреда (повредата на срцевиот мускул) може да се манифестира во различни фази од болеста, како и доцна по почеток на симптомите.
Механизмот на миокардната повреда кај ковид-19 вклучува бурен имун одговор или директна токсичност на вирусот врз миокардот (срцевиот мускул). Се хипотезира дека SARS-CoV-2 се врзува за ангиотензин-конвертирачки ензим -2 (ACE-2) рецептори на срцевите клетки (миоцити) и потоа се инкорпорира и реплицира резултирајќи со директна повреда на срцевото ткиво. Друг можен механизам вклучува активација на интерлеукини и интерферони посебно интерлеукин-6 и последователна цитокининска бура и микроциркулаторна ендотелна дисфункција поради системска инфламација (воспаление) и хипоксија. Хиперкоагулабилна состојба (состојба на зголемено згрутчување на крвта) креирана од вирусот може да доведе до тромбоза на коронарните артерии што води до исхемија.

Срцевите компликации може да се дијагностицираат со различни дијагностички модалитети. Магнетна резонанца на срце (CMR) има уникатна можност да обезбеди морфолошка и функционална инфромација и карактеризација на ткиво и е препорачана од Американската кардиолошка асоцијација (American Heart Association) да се употребува во проценка на оштетување на срцевиот мускул. Императив е за здравстевните работници да бидат свесни за спектарот на наоди со магнетна резонанца на срце кај пациентите со ковид-19 за да обезбедат навремена дијагноза и соодветен третман. Нашите познавања за срцевите компликации поврзани со вирусот сè уште еволуираат, а литературата и доказите секојдневно се збогатуваат со нови сознанија.

Во јуни 2020 година во студијата на „Пунтман“(„Puntmann“) и соработниците објавена во JAMA, се покажа дека повеќе од 70% од пациенти со скорешна инфекција со КОВИД-19 имаат срцево засегање утврдено со магнетна резонанца на срце. Повеќе од половина од овие пациенти биле со лесна клиничка слика. Неколку смртни случаи на спортисти, кои се вратиле на тренинзи по инфекција со ковид-19, поттикнаа употреба на магнетна резонаца на срце како рутински преглед кај млади атлети во Америка пред враќање на терен. Последните докази укажуваат зафатеност на срцето утврено со магнетна резонанца на срце и кај пациенти со негативен тропонин, уреден ехокардиографски наод со нормална ежекциона фракција (Chen и соработници, European Heart Journal, 2021). Во „Журнал оф торацик имаџинг“ („Journal of Thoracic Imaging“) на почетокот на март 2021 година, излезе системска анализа на литературата (PubMed, Embase, Google Scholar, WHO) на наоди на магнетна резонанца на срце кај 199 пациенти со КОВИД-19 инфекција. Вкупно 34 студии во кои само 21% од наодите на магнетна резонанца на срце биле нормални. Миокардитис имало во 40% од наодите и тоа било најчест наод. Абнормалности на миокардот со параметриско мапирање биле детектирани во 73% од наодите (високи нативни Т1 вредности) и активна инфламација преку присуство на едем била најдена во 63% од наодите (високи Т2 вредности). Присуство на заместителна фиброза или трајна лузна на срцето била детектирана во 43% од случаите со техниката на доцно боење со гадолиниум (LGE). Дефекти во перфузија кај 85%, зголемен екстрацелуларен волумен кај 52%, перикарден излив кај 24%, перикардна инфламација кај 22%.

Она што е загрижувачки е фактот дека во повеќето случаи со вакви промени систолната функција проценета со ехокардиографија била нормална (нормална ежекциона фракција).
Кај деца најчесто промените биле во облик на васкулитис со пристен едем во миокардот, но без некроза.
Магнетната резонанца на срце е вредна и безбедна алатка која може да се употреби во проценката на преваленца, механизам и проширеност на миокардна повреда кај пациенти со ковид-19. Миокардитисот е најчеста дијагноза. Со оглед на тоа дека кардиоваскуларната инволвираност кај овие пациенти е асоцирана со полоша прогноза, раната детекција на овие промени е од апсолутна важност.

Тимот на Клиничката болница „Жан Митрев“ ви стои на располагање! За информации поврзани со Вашето здравје информирајте се или закажете на телефон 02 309 1484 во Клиниката „Жан Митрев“.

(комерцијален текст)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот