Зошто гласачите на Трамп одбиваат да се вакцинираат?

Фото: SOPA Images Limited / Alamy / Alamy / Profimedia

Динамиката на вакцинирање во САД е во тесна врска со политичките уверувања на населението

Главниот град на Арканзас, Литл Рок, е длабоко поделен околу тоа како да се справи со воскреснувањето на ковид-19. Бројот на случаи се зголемува, болниците се полнат, а здравствените власти се борат да ги убедат жителите во градот и низ државата да се вакцинираат.

Темпото на вакцинирање во американските држави стана строго во корелација со политиката, а републиканските гласачи имаат помала веројатност од демократите да се вакцинираат, исто како што не сакаат да носат маска или да држат растојание. Околу 35 проценти од луѓето во Арканзас се целосно вакцинирани, според Центрите за контрола и превенција на болести (CDC), а само две држави – Мисисипи и Алабама – имаат пониски стапки на инокулација од Арканзас. Спротивно на тоа, 56 проценти од луѓето во државата Њујорк, упориште на демократите, се целосно вакцинирани.

Бројките брзо растат

Оваа состојба претставува огромен предизвик за локалните здравствени власти во „црвените“ држави, бидејќи се борат против многу преносливата делта варијанта на вирусот, што сега опфаќа 83% од заразените на национално ниво. Агенцијата за јавно здравје, која минатата недела оцени дека САД доживуваат „пандемија на невакцинирани“, смета дека процентот на случаи на делта варијантата е уште поголем во места со ниска стапка на инокулација, како што е Арканзас.

„Многу сум загрижена за следните неколку недели и месеци“, вели Џенифер Дилаја, медицинска директорка за вакцинирање во Одделот за здравство во Арканзас. „Варијантата делта се шири во нашата држава. Растот на случаите е експоненцијален. Порастот на хоспитализациите е експоненцијален.“

Растот на нови случаи на коронавирус ризикуваат да го преоптоварат здравствениот систем во Арканзас, кој служи на население од приближно 3 милиони жители. Моментно, повеќе од 780 луѓе се хоспитализирани со ковид, што е приближно двојно зголемување во последните две недели.

„Ако продолжиме со исто темпо на хоспитализација, ќе го удвоиме бројот на пациенти во болницата до почетокот на август“, оценува Дилаја. „Ќе достигнеме бројка од 1.300 пациенти или повеќе, како што ни се случи минатата зима.“

Ни наградите не помагаат

За да влезете во една локална кафеана во Литл Рок, на клиентите им се проверуваат торбите и физички се пребаруваат од страна на чуварите на влезот, но никој не ја проверува температурата, а маските не постојат.

Кевин Њуман, 31-годишен агент за недвижнини кој гласаше за Доналд Трамп минатиот ноември, вели дека не се вакцинира бидејќи се сомнева во сериозноста на вирусот. „Да беше вирусот навистина сериозен, ќе мораше да платиме за вакцината“, вели Њуман. „Сè друго е скапо, а зошто ова го делат бесплатно? Сомнително е.“

Слични мислења изобилуваат по социјалните мрежи како Фејсбук, кој минатата недела беше обвинет од претседателот Џо Бајден за „убиство на луѓе“ заради тоа што дозволува дезинформациите за вакцините да се шират неконтролирано.

Здравствените власти во Арканзас се обидуваат да дојдат до што повеќе луѓе нудејќи вакцини во трговски центри и цркви, притоа давајќи стимулации како што се бесплатни дозволи за лов и риболов. Но, нивните напори даваат слаб резултат. Минатиот викенд, на летниот фестивал покрај реката во Норт Литл Рок, штандовите нудеа бесплатна храна и играчки за оние кои ќе се вакцинираат. Сепак, за еден час, само четири лица ја прифатија понудата за вакцинирање.

Идеологијата и здравјето

Дел од неподготвеноста е идеолошка, поткрепена со верувањето дека граѓанските слободи се поважни од потребата од вакцинација. Други стравуваат дека вакцината претставува значителен ризик за нивното здравје откако на интернет прочитале дискредитирачки теории за вакцините. Стивен Шо, 58-годишен гласач на Трамп, вели дека прочитал на интернет дека вакцините можат да ја променат нечија ДНК. „Од она што го слушнав, мислам дека не се работи за вистинска вакцина, па затоа сум некако скептичен за тоа.“

Шо ги критикува и бродовите за крстарење каде вакцинираните и невакцинираните лица се поделени во различни делови од пловниот објект, споредувајќи ги тие правила со оние од холокаустот. „Па, тоа е истато што се случуваше со Евреите во нацистичка Германија.“

Локалната медицинска сестра Барбара Мекдоналд, пак, која работи смени од 60 до 80 часа секоја недела во нејзината болница од почетокот на пандемијата, вели дека многу од нејзините пациенти се луѓе кои одбиле да примат вакцина. „На работа сум фрустрирана, но не можам да го покажам тоа. Морам да разговарам со луѓето и да ги едуцирам“, вели таа.

 „Сѐ е политика“

Не сите во Литл Рок се против вакцинациите. Во „Doe’s Eat Place“, рустикален синџир од ресторани познат по своите шницли, ѕидовите се украсени со насмеани фотографии на редовни клиенти, вклучувајќи го и Бил Клинтон, поранешниот претседател на САД и гувернер на Арканзас. Персоналот мора да носи маски.

Популарноста на Клинтон во Литл Рок драматично опадна откако тој ја напушти функцијата, но за ресторанот, кој се наоѓа во изразено републикански град, фотографиите и писмата од екс-претседателот се гордост. Сузи, келнерка во ресторанот, вели дека колебливоста и политиката на вакцините се неразделно поврзани во Литл Рок и Арканзас. „Сѐ е политика… Особено руралните области се многу конзервативни.“

Тоа го потврдува и повисоката стапка на хоспитализации низ државата. Роберт Хопкинс, раководител на Одделот за општа интерна медицина во локалната клиника, констатира дека минатата недела објектот бил „целосно полн“, а пациентите биле принудени да чекаат во собата за итни случаи. Хопкинс, кој е и претседател на Националниот советодавен комитет за вакцини, вели дека превладувачкиот дел од пациентите сега се 40-годишници, во споредба со оние на возраст од 60 и 70 години во претходните фази на пандемијата.

„Перење мозок“

Влошената состојба во Арканзас е реплицирана во „црвените држави“ низ целата земја. Болниците во соседната Мисури беа принудени да ги префрлаат пациентите во други установи и бараат средства за повеќе кревети и персонал.

Но, наместо да ги охрабруваат луѓето да се вакцинираат, многу републикански функционери тераат поинаква политика. На пример, во осум држави со републикански законодавни тела и гувернери, вклучително и во Арканзас, се забрани во училиштата и во колеџите да се бара доказ за вакцинација на учениците. Во април, републиканскиот гувернер на Арканзас го потпиша предлог-законот за забрана за носење маска и примање вакцини, наметнати од владата, како и издавањето вакцинални „пасоши“, иако соочен со состојбите на терен, гувернерот од минатата недела започна турнеја низ целата земја за да ги охрабри луѓето да се вакцинираат.

„Како да му е жал што повикува на вакцинирање“, вели Голди Дејвис, стоматолошка асистентка, за однесувањето на гувернерот, додавајќи дека минатата недела од ковид починала една нејзина 34-годишна пријателка. „Но, целото нејзино семејство се Трамповци… Навистина е тажно. Сите што не се вакцинираат се поддржувачи на Трамп. Тоа е речиси форма на перење мозок.“

Преземено од Financial Times

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот