Зошто фунтата почна да „тоне“?

Лице вработено во менувачница ја менува вредноста на валутите пред објектот по падот на моќната британска валута во однос на американскиот долар / Лондон, 26 септември 2022 / Фото: EPA-EFE/TOLGA AKMEN
Лице вработено во менувачница ја менува вредноста на валутите пред објектот, по големиот пад на моќната британска валута во однос на американскиот долар / Лондон, 26 септември 2022 / Фото: EPA-EFE/TOLGA AKMEN

Финансискиот пад на Велика Британија ги „исплаши“ инвеститорите. Тоа може да доведе до поширока, нова проценка на вредноста на фунтата

Новиот британски министер за економија, Кваси Квартенг уште во првиот месец на функцијата се соочува со огромни проблеми. Тој постојано инсистира дека „пазарот ќе реагира како што треба“ и дека нема потреба од паника. Падот на фунтата е најактуелната тема со која деновиве се преокупирани медиумите на островот.

Блумберг“ дозна дека Квартенг денеска ќе одржи состанок со врвни британски финансиери, во обид да ја стабилизира состојбата со фунтата.

Британија на 23 септември ги објави најголемите даночни намалувања во последните 50 години, што поттикна пад на моќната британска валута во однос на американскиот долар.

Кваси Квартенг/ Фото EPA-EFE/NEIL HALL

Падот дојде како резултат на раната распродажба, по објавата на министерот Квартенг, смета британскиот весник „Економист“. Подоцна во петокот, фунтата ги надомести загубите, зголемувајќи се на околу 1,08 долари. Цената на тоа закрепнување беше порастот на очекувањата за повисоки каматни стапки. Во минатото, минимумот на валутата бил постигнат на 26 февруари 1985 година, на 1,042 долари.

Годинава, како и во 1985 година, падот на фунтата во главно е показател за јакнењето на доларот, смета британскиот неделник.

На денешната насловна страна на популарниот британски весник „Гардијан“ стоеше: „Кризата на фунтата продолжува, политиката на Трас се расплетува“.

Според „Гардијан“, министерството за економија се мачи да го спречи целосното губење на довербата на финансискиот пазар во нејзината економска стратегија, откако одлуката на Банката на Англија да го исклучи вонредниот пораст на каматните стапки, поттикна нова продажба на фунтата.

Фунтата е намалена за околу 20% во однос на „зелената валута“ во 2022 година, а нешто помалку од 15% во однос на еврото и во согласност со падот на јапонскиот јен.

Но, во изминатата недела фунтата падна во однос на повеќето валути, не само во однос на доларот. Тој пад беше проследен со зголемувањето на приносите на државните обврзници, нешто што вообичаено би ги охрабрило меѓународните инвеститори да купуваат средства деноминирани во фунти со очекување за посилни приноси.

Според „Економист“, Британија е пред „валутна криза“. Нивниот девизен курс е флексибилен, што значи дека нема врска со другите валута, како што бил случајот кога Британија била принудена да излезе од Европскиот механизам за девизен курс во 1992 година. Нејзините финансиски пазари се длабоки и софистицирани. Има минимален долг деноминиран во странски валути, а нејзината централна банка е независна од владата.

Наједноставното објаснување за кризата, значи, е дека инвеститорите не веруваат дека даночните намалувања на владата ќе доведат до реалниот економски раст што Квартенг и Трас го сакаат.

Наместо тоа, тие предвидуваат повисока инфлација што Банката на Англија нема да биде подготвена целосно да ја надомести со зголемување на каматните стапки.

Аналитичарите од Банката на Америка сугерираат дека комбинацијата од променливиот фискален став на Британија и долгорочните ефекти од нејзината одлука да ја напушти Европската унија доведоа до длабоко преиспитување на фунтата од страна на инвеститорите. Тоа ја прави валутата поранлива во годините што следат.

Фунтата падна на рекордно ниско ниво во однос на доларот

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот