Зошто да им веруваме на Заев и на Мицкоски?

Се додека лидерите продолжуваат со вакви размени на (дис)квалификации, ни на јавноста нема да и биде лесно да го проголта – како вистина – тоа што ќе го кажат откако ќе заврши средбата.

Во Клубот на пратениците денеска ќе се сретнат двајца на кои им се гади и да се разминат; ќе се видат двајца кои цело време и на секој можен начин гледаат да си ги извадат очите; ќе разговараат двајца кои си немаат кажано добар збор еден за друг; ќе решаваат проблеми двајца на кои прво што им паѓа на памет е како да го „реши“ другиот. Јасно, станува збор за средба на лидерите на двете најголеми партии во државата, и двете од таканаречениот македонски блок – Зоран Заев, кој тврди дека со Мицкоски не може да се договара (дури, полесно би му било со Груевски), и Христијан Мицкоски, кој вели дека нема договор со него, бидејќи тој нема да се договара со криминалци.

Двајцата први луѓе влегуваат со неверојатно тежок, неподнослив багаж од говор на омраза, говор од омраза, омраза во говорот… што нема доволно простор – а и срамота е – да се набројат, да се попишат сите квалификации, дисквалификации, обвинувања, навреди, сите погрдни епитети што си ги маат разменето или директно самите лидери или преку нивните гласноговорници – портпароли, коментатори и слични јавни активисти и борци за каузата. За плукањето преку партиските соопштенија – по пет на ден – ич да не зборуваме.

Во некои други времиња, луѓето од повисоките економски, културни, воени и политички слоеви своите чест и углед ги бранеле ризикувајќи го сопствениот живот – на двобој. Многу познати личности учествувале во двобои (Бизмарк, Пушкин, Марк Твен, Лермонтов, Црњански…), а некои и го загубиле животот во тие најчесто тајни пресметки со пиштоли, мечеви и со други борбени средства. Предизвикани и организирани за неспоредливо помали повреди на честа и угледот.

Но, тие времиња кога луѓето, вклучувајќи ги и политичарите, имале чест и углед

и биле да спремни да ги бранат по цена својот, а не на нашиот живот, се одамна во историјата. Ваквите демонстрации на истерување на правдата официјално биле забранети во 1908 година на конгрес во Будимпешта. Градот во кој азилува Груевски, откако избега од земјава за да не оди во затвор за криминал. И, веројатно, за од таму да ги брани својата чест и углед. (При претресот на неговите станови во Скопје биле најдени четири пиштоли кои ги имал без дозвола. Истрагата треба да покаже дали можеби се спремал за лидерска во поширок состав).

Тоа е кратката историја на моралниот напредок. Денес, наместо на двобој противникот го повикуваш на ТВ дуел или, во поретки случаи, на лидерска средба. Се разбира, најмалку за да ја докажеш вистината или за да ги одбраниш честа и угледот. Најчесто за да ја искористиш приликата уште еднаш да го навредиш, да го омаловажиш, да го обвиниш противникот, односно соговорникот. Има и нешто уште пострашно: стана сосема нормално да се случува токму таков развој на настаните!

Тогаш зошто рековме дека од лидерската средба Заев-Мицкоски јавноста очекува дека сепак за нешто ќе се договорат? Познавачите на приликите тврдат дека двајцата тешки противници – се надеваме само политички – ќе мора да најдат заеднички прифатливо решение за многуте отворени прашања (попис, вакцини, Бугарија, избори, кворуми, пари…) од проста причина што тие се повикани, посоветувани или дури и принудени да одржат ваква средба. Независно од нивната политичка волја и лично расположение.

Може да се претпостави, врз основа на нивните уводни меѓусебни излагања, дека секој од нив имал некакво непријатно чувство од вака организираната тет-а-тет средба, чувство што морал да го победи во себе. Но, се додека продолжуваат со вакви размени на (дис)квалификации, ни на јавноста нема да и биде лесно да го проголта – како вистина – тоа што ќе го кажат откако ќе заврши средбата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот