Зошто цвета државниот криминал во Северна Македонија?

мирјана најчевска
Мирјана Најческа / Фото: Архива

Сè додека осомничени и осудени за криминални дејства од позиција на власт може да се бранат од слобода со користење на парите што се стекнати додека биле на позиција на власт, криминалот во Македонија ќе се исплати, а борбата со криминалот ќе биде фарса со која се залажуваат граѓаните.

Најуспешен начин на борба со криминалот е онаа што оневозможува криминалот да се исплати. Криминалецот не смее да бенефицира од сопствените криминални дејства, да биде поставен во повластена положба, или пак да помине со минимална казна, која на крајот сепак ќе му овозможи уживање во резултатите од криминалната активност. Во Македонија, криминалот направен од позиција на власт се исплати. Тоа се постигнува на неколку начини.

Прво, криминалните дејства формално-правно се прогласуваат за правни (со соодветно прилагодување на законите и подзаконската регулатива). Ова многу често се прави со антиципација на идни можни криминални зафати на високи функционери во власта и наменска декриминализација на истите.

Второ, криминалните дејства не се истражуваат. Тоа се прави со системско и со систематско уништување на сите истражни органи. Тоа се прави со нивно корумпирање или со партизација, со нивна дефункционализација (отсуство на елементарни услови и алатки за работа), со намалување на нивните надлежности и со нивно отсекување од системот на прогон (изолација со создавање тампон зона на други нефункционални институции).

Трето, криминалните дејства не се процесираат. Тоа се прави со задржување на тужби, со развлекување на постапките (до ниво на застарба), со отфрлање пријави и со очигледно и нескриено коруптивно делување на правосудните органи.

Четврто, осомничените за направен криминал од позиција на власт можат да ги користат сите ресурси добиени со направениот криминал (пари, материјални добра, воспоставени врски и позиции, остварен статус, претходно направени мрежи од корумпирани правосудни структури, повластени информации).

Петто, криминалот во Македонија нема партиска, етничка, ниту верска боја. Тој е мултикултурен, мултипартиски и мултиконфесионален. Криминалот е испреплетен меѓу оние кои се моментно на власт, тие кои биле претходно на власт и тие кои се спремаат да дојдат на власт. Тоа овозможува водење божемни процеси, кои имаат за цел само да ја дефокусираат јавноста од очигледната поврзаност на интересите и начинот на делување на навидум спротивставените групи.

Шесто, главна задача на секоја владејачка структура останува да обезбеди да функционираат каналите на крадење на јавното добро, незаконско богатење на високите функционери и неказнивост.

Сè додека се носат закони со кои се обезбедува интерес на некој во власта или близок до неа (а се очигледно спротивни на интересите на голем број граѓани), сè додека осомничени и осудени за криминални дејствија од позиција на власт може да се бранат од слобода со користење на парите кои се стекнати додека биле на позиција на власт, сè додека застаруваат случаи против високи функционери во власта и сè додека осомничени за големи прекршувања на законите може да бидат дел од власта, криминалот во Македонија ќе се исплати, а борбата со криминалот ќе биде само обична фарса со која се залажуваат граѓаните.

 

Извор: Цивил медија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот