Зошто човек се радува со пукање на свадба?

Илустративно фото: David Crausby / Alamy / Profimedia

Оваа традиција е надвор од нормите на современото живеење, со неа сериозно се загрозува безбедноста на граѓаните и затоа мора да се редуцира со казнување. Од ваквите дејства во изминативе години имавме ранети, па дури и убиени луѓе – вели Ацески за „Слободен печат“.

Секторот за внатрешни работи Тетово вчера апелираше до граѓаните да се воздржат од пукање со огнено оружје, како и од неовластено организирање огномети, за време на многубројните свадбени свечености што се закажани во текот на овој и следниот месец.

Од СВР Тетово потсетуваат дека пукањето се казнува со глоба од 200 до 500 евра (член 31), а доколку се предизвика општа опасност, може да се санкционира и со затворска казна од една до пет години (член 288 од Кривичниот законик).

– Во месеците што претстојат СВР Тетово во значителна мера ќе ги засили контролните активности за откривање и санкционирање на ваквите нарушувања на јавниот ред и мир и конкретно и ефикасно ќе постапува – истакна портпаролот Марјан Јосифоски. Тој потсети дека во изминатите години имало вакви случаи, од кои повеќето биле откриени и санкционирани.

Според полицискиот билтен, во текот на 2019 година биле регистрирани осум случаи на пукање со огнено оружје за време на свадби, при што биле повредени четири лица. Поднесени се две кривични пријави, три барања за поведување прекршочна постапка, а едно лице било приведено. Многубројни се и пријавите за оштетувања возила и објекти од заталкани куршуми.

Професорот по социологија д-р Илија Ацески вели дека станува збор за стари навики, кои се резултат на традицијата.

– Пукањето по свадби има една подлабока антрополошка суштина. Кога се случува нешто значајно за семејството, како што е свадбата, за тоа да се одбележи, да разбере околината, се дава знак, пукот, за да добие на значење таа информација и да биде врежана во општествената меморија. Но, ова во минатото било симболично и помалку опасно. Сега е беспредметно, но и далеку поопасно, особено ако се прави со истурање рафали во урбана, градска средина. Оној што го прави ова, како да сака да покаже сила на неговата околина, така се доживува тоа! Оваа традиција е надвор од нормите на современото живеење, со неа сериозно се загрозува безбедноста на граѓаните, и затоа мора да се редуцира со казнување. Од ваквите дејства во изминативе години имавме ранети, па дури и убиени луѓе – вели Ацески за „Слободен печат“.

Според податоците на МВР, во рацете на граѓаните на територијата на земјава се регистрирани околу 180.000 парчиња огнено оружје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот