Зошто Бугарија се плаши од македонското малцинство?

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Откако бугарскиот премиер Бојко Борисов за влијателниот „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ призна дека се плаши од признавање на македонско малцинство во Бугарија, „Слободен печат“ праша дел од експертите, зошто толкав страв, кога Македонија се „колне“ дека го посакува само членството во ЕУ.

Тврдите бугарски ставови дека рампата за македонското вето ќе биде подигната само ако прифатиме дека имаме бугарски корени, дека македонскиот јазик е бугарски дијалект и дека во Бугарија нема Македонци, полека го руши сонот дека земјата еден ден ќе стане членка на ЕУ.

Според поранешниот амбасадор Ристо Никовски во основа се работи на долгорочна политика на Бугарија.

Тој смета дека со признавање на македонско малцинство во Бугарија ќе се ревидира целокупната бугарска историја, ќе има Македонци во Бугарија, но и македонски глас и македонско мислење.

-Бугарската опсесија со македонското малцинство не е нова, таа е стара преку сто години. Тогаш малцинствата воопшто не беа мостови на соработка туку, напротив, беа носители на растурање на државите, на мешање на странски сили, на прекројување на државите…Во конкретниот случај уште подлабоки се бугарските аспирации дека Македонци нема туку сме ние неосвестени Бугари. Таа е чиста глупост, бидеји не може да нема Македонци ако веќе речиси двесте години имало „македонско прашање“. Суштината е во големобугарските амбиции и политиките дека Бугарија се граничи со бугарски територии и народи. Коренот е во Санстефанска Бугарија во која влегуваше речиси половина Балкан и тоа е нивен сон кој никогаш не се реализира. Сепак, тие него се уште го сонуваат, а најдобар доказ за тоа е фактот што трети март го прогласија за национален празник и тоа во 1990 година, по распадот на Југославија. Тоа директно ги симболизира нивните аспирации кон Македонија која целата, освен Солун со Халкидики тогаш, стана дел од Бугарија. Ова покажува дека признавањето на македонско малцинство во Бугарија ќе ја ревидира целокупната бугарска историја и ја прави бесмислена што е за нив нормално, неприфатливо, вели Никовски.

Неодамна и Стојко Стојков од ОМО Илинден Пирин во интервју за „Слободен печат“ рече дека Македонија ниту може да создаде, ниту може да го избрише македонското малцинство во Бугарија.

-Бугарија со политиката на асимилација и дискриминација 50 години не успева да го постигне тоа. Но бугарските идеолози се во паника од можноста Македонија како Европска членка некој ден да го подигне тоа прашање во Европа, зашто тогаш Бугарија нема да има како да се спротивстави. Од тука е паниката, од тука се апсурдните барања, од тука е стремежот да се редефинира македонската нација на начин кој да направи невозможно да постои македонско малцинство во Бугарија. Затоа е и нападот против јазикот. Но ако има посебен македонски јазик (како што во целиот свет и научно и инаку е прифатено), и ако македонската нација се појавила и развила пред Пиринска Македонија да влезе во Бугарија, тогаш оваа нивна заштита паѓа во вода и Македонците имаат право на изучување јазик и останатите права на националните малцинства, уште повеќе што во минатото истите ги уживале во Бугарија, вели Стојков.

Дека Бугарија ги крши малцинските права покажува и пресудата на Европскиот суд за човекови права која е во корист на Македонците. Во неа се нотира дека официјална Софија ја прекршила Конвенцијата за човекови права и фундаментални слободи кога во 2013 година не дозволила да се регистрира Здружението бидејќи во неговиот статут пишува дека ги застапува етничките Македонци во Бугарија.

Според одлуката, на Бугарија и се наложува да го регистира Македонскиот клуб за етничка толеранција. На оваа тема македонскиот Институт за национална историја најави дека нема намера да ја прилагодува својата научна дејност за потребите на политиката.

„Историјата и нејзината интерпретација мора да бидат детерминирани исклучиво од научна етика и претендирање кон објективност и во тој контекст не смее да се доведува во врска со потребите на политиката, ниту на било каков начин да биде условено од политичките влијанија, што е во целосна спротивност со европските демократски принципи“, стои во писменото соопштение на Институтот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот