Зона Замфирова навистина постоела: Ова е вистинската приказна за Евросима Кијаметовиќ

Instagram

Убавицата која го инспирирала Стеван Сремац да го напише неговото најпознато дело, навистина постоела.

Евросима Кијаметовиќ, позната како Зона, дошла во Белград за време на Првата светска војна, а тука и починала.

Вие младите девојки, веднаш вадите сѐ на мегдан, ние знаевме да криеме во елечињата. Ех, пуста младост… – им зборувала на нејзините внуки Евросима Кијаметовиќ.

Одбраната филмска екипа, според романот на познатиот писател Стеван Сремац, на локации во Ниш и Пирот, на денешните генерации успеа да им го доближи времето во кое на поинаков начин се живеело, се работело, се сакало.

Долго време постоела дилемата дали најпознатото дело на Сремац е напишано врз основа на вистинска случка која се одиграла кон крајот на 19 век, или е плод на неговата фантазија. Целата приказна тој ја слушнал од Бранислав Нушиќ, кој во 1895 година бил на служба како српски конзул во Приштина. Нушиќ во градот се дружел со угледни Срби, меѓу кои бил и чорбаџијата Замфир Кијаметовиќ, татко на 13 деца. Една од нив била и убавата Евросима, која татко ѝ нагалено ја викал Зона.

Според писанијата на Нушиќ и некои други познавачи, приказната оди вака:

Кога имала 16 години, Зона веќе била позната по нејзината убавина не само во Приштина, туку и подалеку. Имала румени усни и образи бели како сомот, кои се наѕирале низ проѕирната марама. Позната била и по тоа што убаво се облекувала, носела свилени шалвари и бундичка, а под елекот се оцртувале бујните гради. Ја сакале сите момчиња во градот, но најмногу Максим, син на кујунџијата Коста Гапиќ. И таа него го бендисала. Се сакале и тоа го покажувале само со поглед, кога тој поминувал, а таа го чекала кај нејзината порта.

Тоа го знаела цела Приштина, знаеле и нивните родители кои молчешкум ја одобрувале нивната љубов.

Но, еден ден се случила непријатна случка. Чорбаџијата Замфир отишол во дуќанот на кујунџијата, и таму еден обичен пријателски разговор прераснал во жестока кавга. Коста почнал да го навредува Замфир, а овој му одговорил:

-Зарем да го дадам моето дете за твојот син? Попрво ќе го дадам за најсиромашниот, ама никогаш за твојот Максим.

После ова Зона почнала да тагува, а Максим смислувал начин да се одмазди.

Заедно со неговиот другар Зак Шкурт тие одглумиле грабеж на девојката. Во тоа време, девојка на која ќе ѝ се случело вакво нешто била нарекувана бегалка, а за неа и нејзината куќа тоа бил голем срам. Максим добро го знаел тоа и успеал во намерата оваа приказна да ја прошири низ цела Приштина.

 

По доаѓањето од Приштина, Нушиќ му ја раскажал приказната на Сремац.

– Слушајќи го Нушиќ, Сремац бил воодушевен и му побарал дозвола да ја обработи приказната. Единствен услов кој му го поставил Нушиќ бил во делото да не се спомнува Приштина, зашто во куќата на чорбаџи Замфир „многу убави кафиња испил“, и не сакал да го посрамоти образот на неговиот пријател. На тоа Сремац одговорил „Ќе ја одведам твојата Зона во мојот убав Ниш и таму нема никој да ја препознае“. Така настанала една од најубавите приказни на Сремац за стариот Ниш – пишува Коста Димитриевиќ, новинар на Политика и познавач на делата на Сремац.

На ракописот за Зона Замфирова Сремац работел од 1898 do 1903 година и неговата приказна решил да ја заврши среќно, чорбаџијата Замфир немал што да прави и по измамата морал да ја даде ќерката за Мане. За жал, во вистинската случка не било така.

И покрај големиот срам што Мане му го приредил на семејството, Зона имала многу додворувачи.

Но, таа сите ги одбивала и на крајот чорбаџи Замфир го одржал зборот кој го дал во дуќанот на Коста – Зона се омажила за сиромашното но убаво момче, кројачот Алекса Грбиќ. Младите сопружници веднаш се преселиле во Призрен, каде што добиле три сина и две ќерки, Димитрија, Сава, Милка, Крсто и Даница.

 

Алекса настрадал во една побуна на Албанците во 1913 година, по што Зона, заедно со семејството се преселила во Урошевац, а за време на окупацијата во 1943 година дошла во Белград. Прво живеела во Ресник, па на Ѕвездара.

Вистината за „Зона Замфирова“ никогаш немало да биде откриена, ако нејзиниот брат Драгутин Кијаметовиќ, со кого живеела до крајот на животот, во 1952 година не ја убедел да открие што ѝ се случило во Приштина кон крајот на минатиот век. Потоа тој го повикал публицистот Мишо Марковиќ да ја запише целата приказна и да ја зачува за идните генерации.

Зона Кијаметовиќ имала вкупно девет внуци и 14 правнуци.

Кујунџијата Максим Гапиќ се оженил со Влаинката Зата. Стариот чорбаџија Замфир поради големиот срам се преселил во Прокупље, каде што го завршил животот. Зона после толку преселби, сепак доживеала убава старост и починала на 75 години.
Не е познато дали Сремац знаел што навистина се случило со јунаците од неговиот роман. Тој бил реалист, но очигледно не сакал несреќни завршетоци.

Сепак, не измислил една работа, а тоа е убавината на девојката Евросима, позната како Зона.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот