Зоки, поарно остај метлата…!

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Ах Зоки, Зоки, што невоља те збра! Пушти многу демократија и сега сите зинаа. Народот пак се врати на старото- да го бива за се. Сега сите се селектори, судии, адвокати, експерти, министри и – Премиери! Тебе ти ја дадоа метла, а сите сакаат да метат. Сите имаат свој список за отстрел на некој министер, градоначалник, директор. А ти вети ќе ги слушаш граѓаните, новинарите…

Ако е така, не реконструкција, ни цела Влада да ја смениш нема да им се погоди. Не дека нема простор за проветрување, напротив, многумина се улежаа, некои се уобразија, други пак од обични шарени револуционери станаа функционери, некои од невладини станаа владини, а за воља а вистината некои ниту од старт не ги бивало за она за што си им дал доверба. Но знаеш како велат: мрднеш, губиш! Груевски тоа навреме го сфати. Немаше тогаш ни метли, ни чистки. Се си беше „добро“, „успешно“! Милина! И никој не смееше да кркне дека не е така. Ни граѓани, ни новинари. Ма каква јавност! Сега, уште метлата не зачистила, а прашина колку сакаш.

Туку ти Зоки мисли му ја! Ако направиш голема чистка, опозицијата ќе те качи на криво магаре, ќе те растури. Ќе го слушаш Мицкоски како „везе“ дека се покажало колку вреди оваа власт, дека е време за избори и дека народот ќе си дојде по своето и ќе ги врати на власт. Ако пак метлата биде козметичка, јавноста на која се повикуваш пак нема да биде среќна и задоволна.

Затоа ако метеш, удри во секторите каде што реално нема видливи резултати, без разлика на тоа од која партија се функционерите, без разлика што мислат другите. Кадровските смени мора да имаат оправданост според конкретни показатели, а не според општиот впечаток во јавноста. И тоа ќе треба да го потврдиш и оправдаш и пред нив и пред јавноста.

Потоа Зоки дочисти ги оние кои политички ги порази ама ги остави да живеат збутани во дупките низ институциите на државата, по министерствата, во администрацијата, меѓу агенциите, дирекциите, во јавниот сервис. Тие фаќаат место заштитени со придобивките на демократијата, на нереваншизмот, на „животот за сите“. За нив немало промени. Тие уште се на власт. И уживаат во бенефициите на функциите, a бургијаат од внатре, кодошат, и си тераат своја политика. Не велам дека партиската припадност треба да биде директната причина за смена, но ниту спротивното, дека токму заради тоа треба да бидат заштитена мечка. Едно општество за сите – една метла за сите!

Затоа Зоки или мети или остај метлата за друг пат.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот