Зоки „чукнал“ по „системот“

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Институциите функционираат, ама системот не е ефикасен, затоа премиерот Зоран Заев некни „чукнал“ на маса.

Да се удри по масата за да се воспостави некаков ред во одреден момент е позната пракса и таа треба да се применува секогаш кога за тоа има потреба, како дома, така и во политиката. И премиерот Зоран Заев со право тоа го направил пред своите подредени, кога во јавноста се создаде атмосфера на правна несигурност заради институционалната спорост или некоординираност, што резултираше со недостапноста или бегството на Сашо Мијалков.

Сепак верувам дека и без лупањето по маса, преземените мерки ќе вродеа со плод и Мијалков ќе се појавеше за да си го земе решението за куќен притвор. Едноставно затоа што такви мерки им стојат на располагање на органите на прогон, и без чукање на маса. И тоа се покажа како ефикасна мерка што резултираше со брзо „оздравување“ на Мијалков и појавување во јавноста.

Останува фактот дека првиот човек во извршната власт треба и почесто да лупнува по масата за да ги разбуди подзаспаните. Но, според правилата тоа се прави пред, а не потоа, односно не откако штетата, (овој пат политичка) ќе биде направена.

Она што збунува во целата оваа заврзлама со „бегството“ на Мијалков, се неколку противречности и нелогичности. Дали Мијалков избегал или сакал да избега, ако е така зошто тогаш се вратил, кога веќе се вратил зошто повторно добива куќен притвор, а не затворски, дали имало договор со власта за бегство или не, дали некој од институциите затаил во работата, има ли воопшто виновни поединци и.т.н. На некои од овие прашања би требало да одговори истрагата, која е веќе почната од страна на Основното јавно обвинителство.

Но има и некои логични дилеми за кои треба да се размисли.

Прво, ако е толку лесно да се избега од нашава држава, како што постои мислење во јавноста, зошто Мијалков не избегал досега, ако знае дека за сите предмети за кои се суди можат да му донесат казна затвор во траење од 13 години? Зошто тоа би го правел сега, а не го направил порано, кога можеби имал повеќе простор и можности за такво нешто? Ако веќе се решил на тоа, зарем не би го организирал бегството потемелно, како што тоа го направи неговиот братучед, претходно? Во најмала рака би се дистанцирал од семејството, за да не му бидат терет и јамка околу вратот како што тоа се случи токму сега, со притисок за нивно притворање и одземање на имотот! Сашо Мијалков сигурно не е понаивен (жаргонски „поглуп“) од сите претходно избегани, обвинети, осудени или осомничени, не е посиромав за тоа да го организира и не е дека нема логистика.

Второ, зошто секогаш кога ќе се случат вакви ситуации за виновна прва се зема полицијата? Па таа не е највисоко на скалата на сите останати институции за безбедност и органи на прогонот како што се: Агенција за национална безбедност, Агенција за разузнавање, Дирекција за безбедност на класифицирани информации, Управа за финансиска полиција, Оперативно – техничка агенција и други органи меѓу кои секако и МВР. Оттаму зачудува прашањето зошто полицијата не го следела Мијалков постојано? Па затоа што како прво Македонија не е полициска држава и не е оваа полиција онаа од времето на Мијалков кога прислушуваше, апсеше и се закануваше кога ќе и текнеше (обавезно пред камери), заради што и му се суди сега.

Трето, полицијата работи по налог на обвинителство, а обвинителство пак во координација со судот. Во тој контекст, поиндикативно е што Агенцијата за национална безбедност и другите служби немале оперативни сознанија дека Сашо Мијалкво ќе бега, туку таа информација ја имало цивилно лице кое сигнализирало до Обвнителството.

Како последна дилема што се наметнува е настојувањето во вакви случаи како заштитна мерка да се користи упатувањето во притвор на лицата, за кои постои сомнеж дека ќе избегаат или дека ќе влијаат врз сведоците. Но, Сашо Мијалков повеќепати е притворен и пуштен на слобода. Тој секогаш се појавувал на рочиштата и создал мнение дека е секогаш достапен. Во прилог на ова оди и констатицијата на домашната експертска и меѓународна јавност дека не треба толку бргу и толку често да се прибегнува кон оваа мерка, притвор, затоа што притворот не е единствената мерка со која може да се обезбеди присуство на обвинетиот пред надлежниот суд, туку дека постојат и други мерки кои го ублажуваат ограничувањето на човековите права и слободи.

Значи не верувам дека истрагата која е започната ќе најде вина одделно кај институциите, туку ќе се констатира потребата дека треба нешто да се интервенира во законските одредби со кои треба да се скратат роковите со кои одредените институции ги доставуваат одлуките една на друга, за да може СИСТЕМОТ да функционира.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот