ЗНМ реагира: Мицкоски омаловажи новинари на партискиот собир во саботата

Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ / Фото: Скриншот

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на „непримерната комуникација на Христијан Мицкоски, претседателот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, преку која јавно се омаловажуваат новинари што известуваат за билатералниот спор со Бугарија“.

„Нè лажеа дека не преговараат за јазикот, дека не преговараат за идентитетот, а денес оние платени, за волја на вистината, малкумина владини пера, преку мали колумнички, нè убедуваат дека триумфирале по којзнае кој пат“, рече Мицкоски на партискиот собир во Скопје во саботата.

„Укажуваме дека јавното етикетирање на новинарите и на медиумите, посебно од страна на претседатели на политички партии, негативно се одразува на слободата на медиумите и придонесува за цензура и самоцензура.

Вакви јавни наративи директно ги поттикнуваат партиските симпатизери да повикуваат на говор на омраза кон новинари и медиумски работници на социјалните мрежи. Агресивниот говор на омраза и заканите кон новинари може да резултираат и со дела од омраза, со што дополнително може да се загрози безбедноста на новинарите, а со тоа и правото на информирање на граѓаните да примаат информации за важни општествени процеси.

Потсетуваме дека уредничката и новинарската независност е неприкосновена и таа не смее да биде под притисок на политичарите, бидејќи на тој начин се влијае јавниот интерес да се претвори во партиски, а тоа да биде на штета на граѓаните и на нивното право на информирање“, се вели во соопштението од ЗНМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот