ЗНМ: Осуда за понижувачкиот однос на кандидатот Фатмир Лимани кон новинарката Салије Садику од ТВ 21

фото: TV21.tv

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува јавниот понижувачкиот однос на независниот кандидат за градоначалник за општина Кичево Фатмир Лимани кон новинарката Салије Садику од ТВ 21 и бара јавните чинители да внимаваат на нивниот однос посебно кон жените новинарки во државата.

Имено, додека новинарката Салије Садику, известувала за локалните избори во Северна Македонија се соочила со непријатна ситуација проследена со агресивен говор и обвинувања од страна на независниот кандидат од Кичево, Фатмир Лимани кон неа лично и телевизијата ТВ 21. Колешката Садику била присутна на настанот со цел да пренесе на граѓаните информации од изборните циклус и наместо да добие одговор од кандидатот таа била грубо навредувана а потоа и исвиркана од толпата.

Според колешката Садику, стотина симпатизери кои го поддржуваат Лимани кои биле присутни во моментот на инцидентот, ноќта на 17 октомври, ракоплескале кога се случил настанот. Во нејзината реакција до канцеларијата на ЗНМ, Садику појасни дека: ,,Во неделата екипата на ТВ 21 заедно со екипите на ТВ Клан и МТВ бевме во штабот на Лимани во 20.00 часот, од таму шефот на кабинетот Бејтула Емини ни рече дека се уште не се подготвени, но и ќе ги чекаат резултатите. По неколку часа откако се вратив да земам изјава од кандидатот тој пред присутните стана и со висок тон почна да вика кон мене со зборовите: ‘Вие сте најлошото нешто што им се случило на граѓаните, вие сте крвопијци. Вие сте виновни што Кичево стигна во оваа ситуација каде се наоѓа. Вие сте со власта и работите еднострано’. Јас се повлеков наназад и во тој момент присутните кои беа повеќе од 100-тина лица започнаа со гласен аплауз и кон мене извикуваа со извици уууууу…” изјави Садику.

Ваквиот однос кон новинарите кои се на работна задача на терен е неприфатлив и потребно е подигнување на свеста на кандидатите за градоначалници и сите политички чинители во изборниот циклус кон новинарите бидејќи во овој момент следи и вториот круг од локалните избори во повеќе општини.

Сметаме дека доколку ваквите инциденти се толерираат во иднина има ризик да се охрабрат нови посериозни насилства кон новинарите, а со тоа дополнително да се загрози нивната безбедност, правото на слобода на изразување како и правото на информирање на граѓаните, велат од ЗНМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот