ЗНМ: Од премиерот се очекува да ги охрабри новинарите да откриваат евентуална злоупотреба на институциите

Новинари / Фото: Архива на „Слободен печат“

Здружението на новинарите на Македонија реагира на изјавите на премиерот Зоран Заев од последното интервју објавено во неделникот „Фокус“, а во врска со документарниот серијал „Редакција“ и првата епизода насловена како „Заговор против воздухот“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).

Премиерот Заев како одговор на прашање во ова интервју вели дека „треба да се праша и втората страна… ред е да го прашате ФЕНИ или некој друг што е споменат од корисниците на мазутот… не ги гледам двете страни во документарецот“. Потоа тој додава дека се сомнева во леснотијата на кажаното без аргументација поврзано со истражувачката сторија на ИРЛ за темата која ја обработуваат новинарите во врска со загадувањето на воздухот во државата.

Ваквиот јавен став и коментар од страна на Претседателот на Владата и Претседател на партијата на власт, поврзан со истражувачката работа на новинарите може да поттикне сомнеж во кредибилноста на работата на нашите колеги, а со тоа и да се влијае на ограничување на слободата на изразувањето. Од премиерот Заев се очекува да ги охрабри истражувачките новинари во нивните напори да откриваат евентуална злоупотреба на институциите како механизам за спречување на корупцијата, а потоа да реагираат и органите на прогонот.

Вакви ставови за работата на новинарите од страна на високи владини и партиски претставници може да создадат „ефект на ладење“, а со тоа да се одвратат новинарите да работат на теми поврзани со корупција и злоупотреба на власт. Дали некој новинарски продукт е етичен или не треба да одлучуваат саморегулативните тела. Доколку засегнатите страни на кои се однесува конкретната истражувачка сторија, имаат забелешки околу применетите етички стандарди, потсетуваме дека постојат функционални механизми на медиумска саморегулација каде секој граѓанин може да поднесе претставка, велат од Здружение на новинарите на Македонија – ЗНМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот