ЗНМ: Новинари од 27 април по вторпат жртви, овој пат од судот

Здружение на новинарите / Фото: Лого, Архива на Слободен печат

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) соопшти дека ја оценува како срамотна пресудата за настаните од 27 април во 2017 година во Собранието, на штета на новинарите и на слободата на изразување во нашата земја и најави дека за пресудата ќе ги извести сите релевантни меѓународни организации.

Од ЗНМ потсетуваат дека оваа недела Основниот граѓански суд во Скопје донесе пресуди со кои се одбиваат тужбените барање на новинарката Наташа Стојановска и Душица Мрѓа, кои бараа повреда на нивните права и штета од државата за настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Северна Македонија.

– Оваа пресуда е пропуштена можност да се заштитат правата на новинарите и преставува уште еден доказ дека постојат двојни стандарди за судот кога се во прашање политичари и новинари. Потсетуваме дека во случајот со групата политичари Основното јавно обвинителство по службена должност покрена постапки и кривичниот суд осуди со затворски казни група на граѓани, а во случајот на новинарите самите беа оставени да покренуваат приватни тужби, се подвлекува во соопштението.

Воедно, се додава дека образложението на судот во пресудите е дека новинарките не доставиле докази од кои што може да се утврди дека на 27 април во 2017 година се случиле јавни демонстрации пред Собранието, иако во тужбата уредно се доставени видео записи од случувањата пред Собранието, а критичниот ден стотици објави беа и се присутни на медиумите.

– Фактот што судот не признава повреда на правото на слободата на изразување и бара од новинарите да докажат општо познати факти, дека имало упад во Собранието од страна на лица кои јавно демонстрирале на 27 април во 2017 година е тенденциозен и преставува преседан во контекст на овој случај. Исто така, небулозно е тврдењето на судот дека новинарите немале право да бараат надомест на нематеријална штета за претрпени душевни болки и наведува дека двете немале телесни повреди. Скандалозен е фактот што судот не признава дека душевната болка, страв и траума кој биле доживеани од страна на присутните новинари е проблематично и притоа се имплицира дека немале телесни повреди тужителите, наведуваат од ЗНМ.

Потсетуваме дека судската власт има обврска да ги штити правата на новинарите бидејќи со тоа го штити и правото на граѓаните да бидат информирани, стои во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот