ЗНМ и ССНМ ги осудуваат навредите на советникот во Општина Охрид Нефи Усеини кон новинарката Мисирлиевски

фото МИА

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) најостро ги осудуваат навредите и пцостите на советникот во општина Охрид, Нефи Усеини кој денеска ги упати кон колешката, дописничка за ТЕЛМА од Охрид, Емилија Мисирлиевски.

Денеска на телефонски поставени новинарски прашања за конфликт на интерес за тендерите на компанијата на неговата сопруга и одлуките на Совет на општина Охрид, каде што тој е советник, Усеини на колешката Мисирлиевски и возврати на непристоен и крајно дрзок начин, со пцости и навреди кон новинарката.

ЗНМ и ССНМ алармираат дека ваков однос од советниците во локалната власт, кои се избрани и платени од страна на граѓаните, кон новинарите и медиумските работници е недозволив. Потсетуваме дека избраните функционери, како што впрочем се и советниците, имаат обврска за професионален однос кон новинарите и медиумските работници и да даваат отчет за својата работа.

Лична пресметка со новинарите или медиумските работници во ниту еден случај не може да биде оправдана и затоа овој однос е и директна закана за безбедноста на новинарите, целата професија, што може да води кон самоцензура. Ваквиот однос е и удар на информирањето на јавноста и загрозување на јавниот интерес.

Апелираме во иднина, претставниците на политичките партии во општините, советниците, сериозно да поработат на односот со новинарите бидејќи токму тие се главната причина за слабото рангирање на земјата на светските индекси за слобода на медиумите и безбедноста на новинарите. Новинарските здруженија не само што нема да прифатат извинување, туку очекуваме и надлежните институциите да постапат по овој случај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот