ЗНМ и СЕММ осудија обраќање на новинарка на МРТ на Фејсбук

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) го осудуваат, како што наведуваат во реакцијата „недоличното обраќање на новинарката на Македонската радио-телевизија Марија Котовска на Фејсбук кое содржи повик за мобилизирање за време на прославата на Илинден на Мечкин Камен”.

Таквите повици кои содржат елементи на навреда и омаловажување кон одредена група, нагласуваат ЗНМ и СЕММ, може да се толкуваат како поттик за насилство и дискриминација и да предизвикаат радикално однесување и дела од говор на омраза.

– Јавната комуникација од овој вид се коси со одредбите на Етичкиот кодекс на МРТВ, во кој  експлицитно е наведено дека при каков било јавен настап вработените во МРТВ „не смеат со своето дејствување негативно да влијаат на јавноста и на работното опкружување, туку се должни во сите фази на своето дејствување да водат сметка за угледот и интегритетот на МРТ” (член 11). Оттука, на раководството на јавниот радиодифузен сервис ќе му биде укажано дека е потребно да ги преземе соодветните мерки во однос на прекршувањето на Кодексот од страна на новинарката, со цел да се спречат идни такви однесувања што се штетни не само за Телевизијата, туку и за јавноста воопшто – се наведува во реакцијата.

Со вакви непримерни испади, додаваат ЗНМ и СЕММ, се дискредитира целата новинарска заедница и новинарството воопшто како професија, која треба да ја негува толеранцијата и меѓусебното разбирање.

Тие апелираат и до надлежните институции да овозможат достоинствена прослава на Илинден на Мечкин Камен и да преземат мерки преку кои на новинарите и медиумските работници ќе им се овозможи безбедно да известуваат за настанот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот