ЗНМ бара од ОЈО посебно одделение за решавање на напади кон новинари

Поголема проактивност при нападите на новинари и медиумски работници, како и формирање посебно одделение во јавното обвинителство за овој тип случаи, побараа претставниците на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) од државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески.

На средбата беа отворени повеќе прашања поврзани со подобрување на безбедноста на новинарите и медиумските работници и како Основното јавно обвинителство да биде повеќе активно во гонење на оние кои се закануваат на новинарите и ги повредуваат нивните права.

Чадиковски укажа на зголемениот тренд на закани кон новинарите во 2020 година: Во регистарот на ЗНМ за напади кон новинари од почетокот  на оваа година до овој момент бележиме 14 напади кон новинари, од кои повеќе од пола се кон жени новинари. Во 2019 година имавме само 4 напади вкупно и овој негативен тренд треба да го вклучи алармот пред сè во ОЈО, особено земајќи предвид дека според нашата евиденција нема ниту еден покренат обвинителен акт против напаѓачите“.

Од страна на претставниците на ЗНМ беше побарана поголема проактивност за овие случаи од страна на обвинителството, а  беше и даден предлог за формирање на посебно одделение во обвинителството за гонење на напади кон новинари и медиумски работници.

-Задачата на ова посебно одделение е да ги истражи не само повредите на правата на новинарите од оваа година, туку и постарите случаи, бидејќи само на тој начин ќе се подобри негативната пракса на неказнивост која во моментов е присутна- истакна директорот Секуловски.

Според Јовески, во наредниот период ОЈО ќе се заложи да ги провери случаите кои ги има регистрирано ЗНМ за напади кон новинари и ќе се разговара интерно за барањето за формирање на посебно одделение.

Адвокатот Медарски во својство на правен застапник на ЗНМ за случајот со нелегално прислушкување на новинари, побара од државниот јавен обвинител помош во обезбедување на докази, дека телефонските броеви кои ги користеле новинарите критичниот период биле предмет на неовластено прислушкување. Оваа поддршка од ОЈО за оваа постапка е нужна во насока на дополнително аргументирање на тужбата во име на новинарите на кои им се прекршени нивните права во овој случај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот