Знам дека има пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои би гласале за уставните измени, вели Груби

Вицепремиерот Артан Груби пред почетокот на денешната седница на Централното претседателство на ДУИ во Мала Речица рече оти „знае дека има пратеници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои би ги поддржале уставните измени“.
-Од денеска сметам дека треба да почнеме со нашите напори, повикувајќи ја и македонската опозиција да се приклучи кон напорите за европска Северна Македонија. Не дека сметам, знам дека има пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои би ги поддржале, рече Груби.
На новинарско прашање, коментирајќи ги изјавите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека на власта ѝ фалат 10 пратеници за уставните измени, Груби рече дека тоа го велат луѓе коишто не се пратеници.
Запрашан околу наводите дека пратеник на ДУИ барал пари за да гласа за уставните измени, Груби демантираше, посочувајќи дека нема ниту пратеник во ДУИ, ниту Албанец во прогресивното парламентарно мнозинство кој што ги условува уставните измени за европска Северна Македонија.
-Апсолутно не се вистинити. Нема пратеник во ДУИ, ниту Албанец или кој било друг во прогресивното парламентарно мнозинство кој што ги условува уставните измени за европска Северна Македонија. Мислам дека адресата е на некое друго место, а тоа е во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Од денеска, ние започнуваме со напорите на обезбедување на парламентарното мнозинство како што тоа го направивме тоа и во претходниот случај со Преспанскиот договор. Убеден сум дека ќе успееме и сега, затоа што имаме контакти со опозицијата и го гледаме расположението. Едно нешто е тоа што велат нивните лидери кои што не се пратеници, друго нешто велат тие што се пратеници, рече Груби.