Знаеме ли да ја негуваме полемиката?

данило коцевски

Данило Коцевски

Како што постои книжевна и уметничка традиција во една култура, така постои и полемичка традиција, која е вградена во самите нејзини темели. Иако на неа најчесто не ѝ обрнуваме доволно внимание (или потребно внимание), сметајќи дека таа е еден вид попатен феномен, нешто што само ги придружува и дообјаснува круцијалните нешта, дека е инцидентна, па дури и дека се може без неа. Но не е така, бидејќи таа не е нужно зло, туку потреба и нужност да се проветрат, дообјаснат и постават некои нешта на своето место.

Најчесто полемичкиот процес е жесток, под неговото влијание некои нешта исезнуваат, а други доаѓаат на нивното место. Тој феномен, ако е добро изведен, со ништо друго не може да се замени, бидејќи таква е неговата природа: да ги разобличува и да ги става нештата под прашање. За едната полемичка страна, таа има деструктивен и негаторски набој, за другата е конструктивна.

 

Црвени линии

 

Само она што е позитивно и влече напред може да ја најде светлата искра при ваквото спротивставување и судир. Постојат безброј случаи кои покажуваат дека по конструктивната полемика ништо веќе не е исто како порано: лажните вредности го покажуваат своето вистинско лице, а без полемиката, нивното царство може да трае непредвидливо долго. Таквите лажни вредности, тивки или премногу гласни, во основа се деструктивни и разурнувачки за секое ткиво кое сака да остане здраво и витално. Било да станува збор за културни или општествени феномени, сеедно.

Полемиката во својот онтолошки статус е дива, непредвидлива, често пати пристрасна, оди во крајности и е опасна, може да повреди, навреди, измести, свесно или несвесно да ги деструира и разгради нештата. Затоа полемиката не може однапред да се дефинира со некои цврсти параметри, бидејќи и кога ќе ги постави, таа ги прекршува. Црвените линии ги премачкува со други бои, само за тие да бидат ставени во функција на нејзините цели.

Сепак, во својата слобода, таа треба да воспоставува свои иманентни црвени линии, заради достоинството на Другиот, но и заради самата себеси. Без тие линии, таа невнимателно може да изврши харикири: во своите екстремности и претерувања, самата да се самоукине и обесмисли. Рицарот со своето копје се уште жестоко  јава, а коњот под него не постои: таквото донкихотство во полемиката жестоко се плаќа.

Кога зборуваме за полемиката, пред се мислиме на полемиките во книжевноста и уметноста, но не само на нив туку и пошироко, во другите сфери кај нас и во светот. Како што имаме богата книжевна и уметничка, ние имаме и богата полемичка традиција. Врвната полемика е своевидна уметност за која секој нема талент. Во името на таа традиција, не треба да се поигруваме со полемиката и да ја сведуваме на караница и вулгарен речник. А таквите тенденции денес се присутни и секому се познати.

Што се однесува до нашата книжевно-полемичка традиција, таа во 50-те и во 60-те години од минатиот век донесе на показ вистинска борба на мислења во потрага по автентични концепти во уметноста и творештвото. Истото се случуваше и во некои од другите југословенски простори, во полемиката позната како спротивставување на реалистите и модернистите. И во ликовната уметност се конфронтираа мислењата, особено во нашите македонски простори преку групата „Денес“ во педесеттите години, со барање можности за нови пристапи и отворање кон апстракцијата.

 

Приземни полемики

 

Пред војната, Крлежа води (најмалку) две тешки полемики: едната е против книжевната десница (пред сè во театарот). Тоа е полемика,  подоцна објавена во книга позната како „Мојата пресметка со нив“. Не помалку жестока ќе биде и неговата полемика со книжевната левица во есеј под името „Дијалектички антинарбарус“. Крлежа признава дека во жарот на полемиката, авторот неоправдано може некого да навреди, затоа барал овој текст да се објави по неговата смрт.

Во 1976 година беше покрената жестока полемика против Данило Киш и неговата книга „Гробница за Борис Давидович“, а Боро Кривокапиќ ги собра сите овие полемики во книгата „Треба ли да се запали Киш“. И Французите не се многу нежни во полемиката. Ролан Барт во една изјава за „Ле монд“, во времето на полемиката со Рејмон Пикар во 50-тите години (по повод судирот на старата и новата француска критика), вели дека е изненаден од суровоста на нападите на кои постојано е изложен.

Сепак, сите тие ситуации се далеку од приземноста на некои денешни полемики кај нас, особено на социјалните мрежи (секоја чест на исклучоците). Сето тоа се заканува да го загрози и обесмисли „полемичкиот вид“ воопшто. Со оглед на криза на критичката мисла, исчезнаа и полемиките во уметноста. За среќа, сè уште постојат личности кои претставуваат исклучок и кои настојуваат да го зачувуваат достоинството на полемичкиот дух. Но нивниот глас често се губи во речникот и говорот, кои повеќе се одмазда и омраза отколку полемика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот