Знае ли некој зошто Канатларовски е сè уште селектор?
Канатларовски немаше забележителен резултат ниту како селектор на сениорската репрезентација, чиј предводник беше во два наврата, но оттогаш се памети поразот на Македонија од Андора. Од каде привилегираниот статус за него? На ова прашање треба да одговорат фудбалските челници што му укажуваат доверба!
Македонската фудбалска репрезентација до 21 година бележи катастрофални резултати. Селекцијата предводена од Драги Канатларовски Цапар во низата дебакли завчера ја додаде и „петката“ од Холандија во рамките на квалификациите за пласман на Европско првенство кое во 2025 година ќе се одржува во Словачка. Што е уште пострашно, убедливиот пораз недоволно ја отсликува нашата анемична игра на теренот. Македонија за 90 минути речиси и да не продре на противничката половина (затоа ни беше досуден само еден офсајд), ниту еднаш не шутнавме кон противничкиот гол, а имавме 20 отсто посед на топката. И покрај определбата за дефанзивна тактика, не сме биле способни да блокираме барем еден удар на противникот. Игра рамна на аматерска селекција!
Веројатно и немаше да биде толку проблематично ако беше во прашање само овој натпревар. Од самото доаѓање на селекторското место во репрезентацијата до 21 година, Цапар нема резултати што јавноста ги очекува од него и од неговите избраници, а не успеа да исфрли на површина ниту некој талентиран фудбалер што би можел да конкурира за место во најдобрата македонска селекција.
„Оваа селекција не располага со широк фонд на играчи, а тоа најмногу се одрази на дуелите со Молдавија и Грузија, каде што одигравме под своите очекувања и забележивме два пораза. На одредени моменти не успеавме да покажеме поголема трпеливост, а ни недостигаше концентрација и смиреност во завршницата на нападите“, беше самокритичен Канатларовски, но иако зборуваше во прво лице множина, не го презеде својот дел од одговорноста.
Канатларовски немаше забележителен резултат ниту како селектор на сениорската репрезентација, чиј предводник беше во два наврата – од септември 1999 до април 2001 година, а потоа и во периодот од август 2003 до февруари 2005 година, од кој ќе се памети поразот од Андора. Од каде тогаш тој привилегиран статус за него кога се во прашање селекторските функции? На ова прашање треба да одговорат фудбалските челници што му укажуваат доверба!
Можеби некој ќе рече дека селекторот на создава играчи, дека тие треба да никнат во клубовите, а задачата на селекторот е да го одбере најдоброто што го има на располагање и да го вклопи во една целина што треба да биде репрезентативна. И тоа е точно, но ако се споредат резултатите на повеќе селектори, малкумина нанижале порази во низа од селекции од рангот на Фарски Острови, Молдавија, Летонија…
Велат дека статистиката е како „бикини“ – го покрива она најважното! Но, во случајот на Цапар јасно ни покажува колку неговата работа не е како што треба. Оние што ги следат настапите на младинската селекција, тоа веќе добро го знаат. Од официјалното деби против Франција, на 16 ноември 2021 година, Канатларовски националниот тим го предводеше на 27 натпревари и во нив оствари само девет победи. Македонија под негово водство забележа победи со Косово, Ерменија, Босна и Херцеговина (двапати), Финска (на пенали), Малта, Шведска, Гибралтар и Полска. Кога би ги тргнале настрана пријателските натпревари, Цапар победил само трипати во речиси три години (Ерменија, Шведска, Гибаралтар). Во овие последни квалификации, нашите надежи во седум натпревари постигнаа само три гола и забележаа две победи – против Гибралтар и онаа сензационалната на стартот против Шведска. На табелата само Гибралтар е полош, но и тие, како и Македонија, имаат постигнато едвај три гола.
Зошто тогаш Цапар е уште селектор на репрезентацијата до 21 година? Е, тоа е прашање на кое немаме одговор, исто како и што немаме одговор на прашањето уште колку луѓето во ФФМ ќе чекаат за нешто да променат.
Сакаме успех, сакаме да се радуваме на победи на националната селекција, но до него не може да се стаса ако не одиме во правилна насока уште во работата со помладите категории.