Змејковски за „27 април“: Само еднаш присуствував на протестите „За заедничка Македонија“, со Ристовски и Јанакиески не сум имал контакт

27 април

Собраниската седница на 27 април во 2017 година, на барање на СДСМ, беше закажена да продолжи на наредниот ден. Ова денеска на судењето за организаторите на настанот го изјави сведокот Стојан Миланов, заменик претседавач на седницата, кој истакна дека тоа барање било прифатено од претседавачот Трајко Вељаноски, сега обвинет како еден од организаторите на насилните настани во законодавниот дом.

– Одговорно тврдам дека не сум имал никаква информација за тоа што се случи на 27 април. Исто така, немаше никаква организација од Кратово од Социјалистичка партија на Македонија за 27 април, рече сведокот Миланов, кој е актуелен пратеник во Собранието.

Во своето искуство како пратеник тој додаде дека не се сеќава некогаш да се прекине расправа за одредена точка во Собранието и да се продолжи со друга точка на дневен ред.

Сличен исказ пред судот даде и сведокот, поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Борис Змејковски, кој истакна дека само еднаш присуствувал на протестите организирани од „За Заедничка Македонија”.

– Тие протести во тој период ги поддржував. Индивидуално еднаш присуствував. Со лицата Спиро Ристовски и Миле Јанакиевски не сум имал никаков контакт. За ,,Тиранска платформа” се дискутираше меѓу пратениците и во медиумите, изјави сведокот Змејковски.

На денешното рочиште беше предвидено како сведок да се појави и актуелниот претседател на Собранието, Талат Џафери, но заради неговите денешни работни обврски, тој ќе сведочи на некое од наредните рочишта. Спикерот Џафери како сведок во овој предмет е предложен од страна на одбраната на обвинетиот Трајко Вељановски.

Предметот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска. Обвинети се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот